Од Маријана до Ферус, десетици јавни личности во спотот на Бојана: Ова е феминистичка песна која ќе ги размрда сите!

by Fokus

Поп пејачката Бојана Скендеровски сними нова песна и спот. Се работи за нумерата ,,Ми треба”, а истата има и српска верзија насловена „Докажи“.

Бојана најави промоција на новиот материјал, која ќе се случи утре, во просториите на Скендеровски Продукција во Скопје, а за „Фокус“ ги открива деталите.

-Музиката, текстот и аранжманот се на Саша Милошевиќ – Маре, а пак препевот на македонската верзија е на Огнен Неделковски. Станува збор за ведра, динамична песна, во која доминираат трубите, текстот е феминистички и им ја посветувам на сите жени, мајки, кралици, кои се издржливи, силни и точно знаат што сакаат во животот. Оваа година сакам да ја заокружам со една моќна и ведра песна која ќе ги размрда сите, после сите црни вести кои секојдневно ги слушаме. Публиката заслужува забава и уживање – вели Бојана.

Појаснува дека во видео записот се појавуваат голем број на јавни личности и нејзини пријатели.

-Водителките Маријана и Ведрана се едни од главните ликови, заедно со актерот Зоран Љутков, гостуваат и Миле Кузмановски, Ферус Мустафов, Мики Црнкрак, фудбалерот Александар Васовски, моите другарки Јелена, Ива и Вики… Сите учесници ја прифатија мојата идеја за гостувањето во спотот, што ми е посебно драго, и до крај беа големи професионалци. За време на снимањето имавме преубаво поминат ден. Режијата е на Александар Ристовски – Принц, а сценариото на мојот сопруг Васко Скендеровски – ни изјави Бојана.

Годинава, по повод празникот Илинден, таа промовираше обработка на старата македонска песна ,,Море сокол пие”. Во јануари пак, ја промовираше песната ,,Зад завесите”.

Кон крајот на 2020 година, по подолга пауза се врати на сцената и тогаш за ,,Фокус” раскажа дека карантинот поради пандемијата го искористила да се посвети на музиката, и така се создала песната ,,Круна” која беше еден вид на нејзино враќање на естрадата. -Во душа сум феминист и секогаш се борам за правата на жената. Не е лесно да се биде жена, сопруга, мајка, да се има кариера и да се внимава на се што е потребно во домот, да се заработува… Овој, 21-ви век ни донесе многу очекувања од жените, но со добра организација се се постигнува- ни изјави таа во интервјуто од 2020 година.

Вики Клинчарова

Поврзани новости