Од лидер на Илинденската прослава во Крушево, до претседател на бугарскиот клуб во Битола

by Фокус

До крајот на август ќе биде завршена постапката по пријавата поднесена против бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, по што Комисијата за заштита и спречување на дискриминација јавно ќе објави што решила. Клубот, кој се отвори во Битола на 16-ти април и носи име на човек кој во историјата е препознат како фашистички соработник, со месеци ја бранува јавноста.

Отворен е во склоп на Културниот Центар Иван Михајлов, кој пак беше регистриран во март 2019 година, а основачи на истиот се Марија Ѓоргиевска, Љупчо Ѓоргиевски, Благој Шаторов, Анета Ринџова и Александар Ринџов. Овластено лице, односно претседател е Љупчо Ѓоргиевски.

Околу тоа кој е Љупчо Ѓоргиевски, јавноста имаше можност да дознае повеќе лани кон крајот на март, кога тој гостуваше во емисија на Бугарската телевизија БТВ. Роден бил во Битола, има 44 години, татко е на три деца. Тогаш раскажа дека бил роден во поранешна Југославија, која го убедувала дека е Македонец, но колку повеќе читал, разбирал дека е Бугарин.

Кажа дека нема бугарско државјанство, но имал документ со бугарско потекло, и се пожали дека е тешко да се најде работа кога јавно ќе се прогласиш за Бугарин.

-И така, така читаш, два-три месеци не спиеш, и еден ден ќе се разбудиш како Бугарин – изјави тој за бугарската телевизија.

Но, името на Љупчо Ѓоргиевски се најде во центарот на вниманието уште пред шест години. Негови фотографии уште тогаш ги преполнија медиумите, по настанот за прославата на Илинден во Крушево.

Тогаш Ѓоргиевски се претставуваше како неформален лидер на здружението Тодор Александров, и заедно со повеќе лица облечени во црни маици, следбеници на Александров, станаа доминантен дел од прославата, најзастапени во ТВ кадар.

Следеа обвиненија дека Тодор Александров станал доминантен лик на прославата на Илинден и го узурпирал значењето на празникот и на делото на храбрите илинденци, и од СДСМ тогаш бараа да се забрани учество на здружението на Илинденскиот марш бидејќи неговите членови отворено промовирале фашистички идеји.

Се објавија и голем број на фотографии од Ѓоргиевски, но и негови објави во кои тој покажува националистички симболи и со расистички пораки. Беше објавено дека тој бил вработен во ЕЛЕМ, но и се претставувал дека работел во ВМРО-ДПМНЕ.

Рехабилитација и просветлување на ликот и делото на Иван Михајлов, како еден од најзначајните ликови во историјата на Македонија – пишува во описот на клубот, на неговата официјална страница.

Според податоци од Централен регистар пак, здружението се залагало за воздигнување на духовни вредности на македонската држава, борба за слобода на говор и печатот, иницијативи за градење пријателство и добрососедство, помош за зачленување на Македонија во ЕУ, изработка на разни проекти, како и печатење на книги, постери и слично.

Вики Клинчарова

Поврзани новости