Почина Дионис Пашлаков, пасионираниот колекционер на стари автомобили и пензиониран професор по биологија од Неготино. Веста за неговата смрт ја објавија негови роднини на социјалните мрежи, а неготинчани со неверување се простуваат со човекот кој цел живот го следеше својот сон, и пред неколку години отвори Музеј за олдтајмери.
Тој беше главен протагонист во документарецот ,,Со љубов” кој го режираше неговиот поранешен ученик Илија Цветковски, по сценарио на наградуваниот документарист Атанас Георгиев.
Документарецот пред три години го отвори фестивалот МакеДокс во скопски Куршумли ан, и предизвика голем интерес кај јавноста.
Во него е овековечена неверојатната страст кон старите автомобили на Дионис, неговата потрага по стари коли, и животната желба да отвори во Неготино музеј кој ќе стане светска атракција.
Негови блиски роднини за ,,Фокус” изјавија дека починал синоќа, околу 23 часот, по неколку месечната борба со леукемијата.
-Во декември ќе наполнеше 72 години. Имаше толку многу животен елан во него, за уште многу години, но со болеста не можеше да се избори. Преамбициозен човек, не знаеше мирен да седи, постојано нешто се работеше… Тешки моменти се ова нашето семејство – ни изјави негова блиска роднина.
Вики Клинчарова