Приватната компанија за производство на вода и сокови ,,Кожувчанка” во изминатата година, остварила донации и спонзорства во висина од над 270.000 евра. Како што информираат од компанијата, сума од 16.867.245 денари била одвоена за донации кои веќе се реализирале, а дел од нив ќе бидат реализирани оваа година.
Листата со адреси на кои завршиле овие средства е долга. Лаптопи и монитори на допир за деца со оштетен слух, говор и глас, клупи за хендикепирани лица, финансиски средства за лекови за ковид одделението во ЈЗУ Неготино, инсталација за довод за медицински гасови во модуларната болница во Кавадарци, донации на граѓани на кои им било потребно лекување, се дел од листата која ја објави компанијата.
Покрај тоа, финансиски се поддржани детските фестивали ,,Гроздоберче” и ,,Златно славејче”, Здружението за борба против рак на дојка ,,Борка”, голем број на спортски клубови, како и цркви. Материјални добра во износ од над 4.000 евра се донирани на црквата Вознесение Христово од неготинското село Криволак, донација од над 4.800 евра за набавка на мермер и оникс на Православна епархија за Европа, клима уреди, столбови за сообраќајни знаци, медицински уреди и стипендии за студенти, како и вода и безалкохолни пијалоци кои во повеќе наврати се донирале на Министерството за здравство.
Инаку, ,,Кожувчанка” е семејна компанија на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. Таа функционира од 1995 година и започна со производство на минералната вода ,,Кожувчанка” за да со тек на време во својата палета на производи ги додаде и газираните и негазирани сокови, енергетски пијалок и македонско пиво.
Вики Клинчарова