Од лажни вести се заработувало и до 500 евра дневно, вели истражувачот кој ја откри кумановската мрежа

by fokus

Ловецот на лажни вести кој ја откри кумановската мрежа, Мартен Схенк, во интервју со дописничката на МИА во Брисел, раскажува како успеал да ги пронајде членовите. Тој вели дека не станува збор за организиран бизнис од страна на Русија, туку дека Русите опортунистички ги користат лажните вест кои се појавуваат. Вели дека лажните вести го доживеале пикот во 2016 година, кога, според негови информации, од овој бизнис се заработувало до петстотини евра дневно. Сега сумата на заработка се движи од 50 до 100 евра на ден, што е добра заработка имајќи го предвид стандардот во Македонија.

Схенк објаснува како ја открил кумановската мрежа.

-Имам веб страница за проверка на факти, Leadstories.com, и развивме софтвер со кој вршиме мониторинг на сториите кои се во тренд на интернет (‘трендинг’) и тој софтвер исто така ги гледа кодовите од реклами на сите сајтови. Така што можеме да видиме дали повеќе сајтови го користат истиот идентитет за реклама, што покажува дека истото лице раководи со тие сајтови. Мојот колега од холандскиот сајт за проверка на факти забележа некои лажни вести како се спамираат на Твитер и доаѓаа од налози кои изгледаа како ботови, и ме замоли да ги проверам во мојот софтвер, Trendolizer. Кога ги видов му реков дека сум ги видел овие сајтови порано исто во тренд со лажни стории. И заедно работевме да откриеме колкава и чија е таа мрежа. Почнавме систематски да ги разгледуваме, секој вебсајт со истиот рекламен таг, датум на регистрација, и најдовме уште постари сајтови со рекламни кодови кои нѐ водеа уште подалеку и така се враќавме назад во времето. И забележавме дека овие сајтови ги користеа истите статии во круг. Ги избројавме сите наслови за да видиме кои најмногу се користеле повеќе пати. Некои статии се појавиле на повеќе од 23 сајтови – вели ловецот на лажни вести.

Тој појаснува дека со помош на алатки за пребарување успеале да утврдат кои други сајтови ги објавувале истите статии.

-Излезе дека повеќето од овие статии се копирани и украдени од други сајтови. За тоа време гледавме кои сајтови се спамираат на социјални мрежи и така дојдовме до околу 75 сајтови. Па почнавме да користиме алатка на Фејсбук што им се нуди на новинари за да се утврди кој прв објавил одреден линк во јавна група. И така увидовме дека низа лица објавуваат низа нови линкови на неколку недели. И секогаш беа истите лица. Кога ги погледнавме информациите за првите регистрирани сајтови, видовме дека не се регистрирани анонимно. Тука ги најдовме Виктор Колевски и Слаѓан Бојковски, со мејл адреси и броеви на телефон. Бидејќи ова беа првите сајтови, веројатно не биле свесни дека треба анонимно да се регистрираат. Или можеби ги регистрирале со легитимна цел, а потоа ја смениле целта – додава тој.

Многумина од овие претприемачи на лажни вести, вели Схенк, почнуваат со сајтови за бикини, мотори, кучиња, здрава исхрана, итн, па после преминуваат на лажни вести.

-Така што ги имаме тие имиња, имаме имиња од тие што ги ширеле на Фејсбук статиите. Па почнавме да ги бараме на Фејсбук и видовме дека доста од нив се пријатели. Некои беа јасно лажни профили, како Џони Смит, кој беше американски војник од Њу Џерси со пријатели само во Македонија. Забележавме дека најчесто се познаваат, дека семејството нивно исто учествува, објавува, споделува, дека станува збор за семејно-пријателски бизнис, има еден поранешен војник, поранешен полицаец, шофер на камиони. Не се само тинејџери што се забавуваат со ова, туку се возрасни луѓе со работа – посочува тој.

За тинејџерите од Велес, Схенк мисли дека се локална индустрија, каде децата го научиле ширењето на лажни вести едни од други.

Тој потврди дека зборувал со креаторот на лажни вести од Куманово Слаѓан „Цаго“ Бојковски, кој ги негирал наодите.

Рече дека не е веќе во АРМ, дека од ова заработува пари на страна и дека имал вебсајт порано и дека ништо не знае за ова, негираше – вели истражувачот.

Поврзани новости