Министерот за транспорт и врски на Северна Македонија, Благој Бочварски, во рамки на Самитот на лидерите на Отворен Балкан оствари средба со срспкиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Томислав Момировиќ, на која се разговараше за заеднички инфраструктурни проекти и за Отворен Балкан (ОБ) електронска наплата на патарина на автопатиштата на земјите членки на Иницијативата „Отворен Балкан“.
-Системот Open Balkan ETC е во тест фаза и до крајот на септември ќе почнеме да користиме еден ТАГ помеѓу Србија, Северна Македонија и Албанија. Секој корисник на ETC наплатата во која било земја во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ ќе може со само еден ТАГ да плаќа патарина во сите други земји од иницијативата „Отворен Балкан“, без запирање или купување дополнителен уред или картичка во земјите каде што неговото возило не е регистрирано, кажа Момировиќ, според соопштението од неговиот кабинет.
-Имам одлична соработка и комуникација со мојот колега и министер Момировиќ и нашите разговори секогаш водат до значајни иницијативи за двете земји. Ги потврдивме нашите заеднички определби во насока на поефикасно регионално поврзување и забрзување на економскиот развој. Примарниот фокус го ставаме на реализација на инфраструктурни проекти, особено во делот на железничкото поврзување, што дополнително ќе овозможи раст и забрзан регионален развој меѓу нашите пријателски земји, рече министерот Бочварски.
На средбата повеќе се зборуваше и за тековните проекти за поврзување како што е реконструкција и модернизација на пругата Ниш – Брестовац (границата со Северна Македонија), како и за функционирањето на интегрираниот граничен премин Прешево – Табановци, се наведува во соопштенеито на српското Министерство за градежништво, сообраќај и инфрастриктура.