Елизабета Наумовска-Петрески е командант на баталјонот за воено медицинска поддршка на Армијата на Република Северна Македонија. Од самиот почеток на пандемијата, таа е вклучена во оперативните тимови на ниво на Армија кои будно ја следеа состојбата со Ковид 19. Согласно сите протоколи на национално ниво, оперативните тимови имаа задача внатре во Армијата да ги координираат активностите на сите команди и единици по однос на новонастанатата состојба со пандемијата, како и дополнителните активности врзани за превентивните мерки за здравствена заштита на силите за извршување на мисијата дома, но и надвор од земјата каде успешно не претставуваат нашите мировници и тоа не само во НАТО предводени операции, туку и во операции предводени од ЕУ и ОН. Како командант на единицата заедно со останатиот воено медицински персонал од оваа единица согласно потребите е вклучена и во асистенција и поддршка на јавите здравствени установи.
Разговараше Ирена МУЛАЧКА
ФОКУС Повеќе од десет месеци во земјава коси Ковид 19, непознат вирус кој го изненади целиот свет. Може ли да ни кажете со каков вирус се соочуваме?
ПЕТРЕСКИ Светот пред повеќе од една година се соочи со вирус кој беше непознат непредвидлив и од тој аспект доста опасен непријател со огромна моќ за варијабилност мутации и појава на нови соеви како главна карактеристика. Вирусот SARAS COV 2 припаѓа на фамилијата на корона вируси кои иако за науката се познати од минатиот век успеа да го изненади светот кога на 20 Јануари 2020 година започнува неговата трансмисија од човек на човек, иако за него животинскиот свет е резервоар. Се уште нема објаснување како е настаната неговата трансмисија од животно на човек која се случува декември 2019 кога е пријавен првиот случај на covid 19 заразен во Вухан, Кина. Од денешен аспект за вирусот се знае многу и тоа: начин на трансмисија, влезни места, симтоматологијата, патофизиолошки механизми кои се случуваат во организмот, начин на лекување и заштита како и справување со сите пропратни симтоми и компликации кои истиот во организмот ги прави. Специфичен лек се уште нема, но затоа на неполна година од прогласената пандемија ( 11.03.2020 е прогласена пандемија со ковид 19 од страна на СЗО) на пазарот има голем број на вакцини со високо ниво на безбедност и ефикасност.
ФОКУС Досега се соочуваме со повеќе од 90.000 заразени и околу 3.000 починати од корона вирусот. Кој е вашиот став околу иова?
ПЕТРЕСКИ Медицинската статистика како наука врши собирање обработка, анализа и интерпретирање односно толкување на резултатите со користење на математички операции. Овие бројки заедно се епидемиолошката крива кои се објавуваат секојдневно како транспарентен податок се најдобар показател каков е националниот одговор во даден момент и какви наредни чекори треба да бидат превземени во делот на справувањето со сите несакани последици. Односот помеѓу вкупниот број на починати и вкупниот број на заразени ја дава стапката на смртност на случаи. Овој сооднос добиен како бројка е неблагодарно да се толку во овој момент од следниве причини: пандемијата се уште трае и со сигурност може да се каже дека бројот на заразени е далеку поголем во земјава од причина што многу луѓе вирусот го имаат прележано асимтоматски или со блага симтоматологија, а истите не се тестирани и не влегуваат во вкупната бројка на заразени. Доколку таа бројка влезе во вкупен број на заразени стапката на смртност би била помала бидејќи се во обратнопропорционална зависност. Од друга страна, во нашата земја во вкупниот број на починати влегуваа сите без разлика на коморбидитетите односно останатите болести кои исто така се висок ризик за смртност. Дополнително влегуваа и починатите кај кои постмортем вирусот беше откриен. Толкувањето на резултатите и компарација со останатите земји може да се направи исклучиво само доколку до бројките се доаѓа со користење на иста методологија на собирање на податоците.
ФОКУС Каква е улогата на военоздравствениот дел во справувањето со пандемијата?
ПЕТРЕСКИ Накратко двојна затоа што военоздравствениот персонал има свои задачи во рамките на Армијата кои континуирано мора да ги извршува без разлика дали се работи за редовна или некоја друга вондредна состојба. Дополнително имаме ангажман и обврски соодветно состојбата со пандемијата да бидеме таму каде е најпотребно заедно со колегите од Министерството за Здравство и Институтот за јавно здравје каде сме вклучени во делот на работа во ковид центрите и во земањето на брисевите за изработка на PSR тестови кои важат за златен стандард во поставување на дијагнозата за ковид 19. Важно е дека како военоздравствен персонал во услови на пандемија мора да бидеме исклучително внимателени и со голема будност да ги следиме сите активности во самата Армија кои сами по себе се ризични бидејќи дел од истите се одвиваат во колективи од затворен тип. Но и покрај високиот ризик почитувајќи ги сите неопходни мерки за заштита против пандемијата од една страна и навремено превземање на сите превентивни мерки како Армија од друга страна успеваме со огромен успех да реализиране многу проекти и задачи како во земјата така и надвор од неа,секаде каде се присутни нашите мировници, и тоа во еден од најтешкиот периоди на прогласена пандемија.
ФОКУС Дали земјава располага со доволно здравствени капацитети и доволно лекарски и медицински персонал за со сите сили да се спротистави на пандемијата?
ПЕТРЕСКИ Министерството за здравство кое е надлежно и носител на националниот одговор за справување на пандемијата со ковид 19 најдобро би дало одговор на ова прашање. Сепак став е следен: Во услови на пандемија кога имате масовна појава на заболени важно е со сите расположливи сили и средства да не се надминат капацитетите како по однос на болнички кревети така и по однос на човечни ресурси и тоа не само здравствени работници туку и на сите останати кои помагаат во процесот. Тука не треба да се заборавиме и континуираното снабдување и реснабдување на сите потребни средства за индивидуална заштита, тестови, реагенси, лекови и останат потрошен материјал за работа. Во овој дел, здравствениот систем успеа со огромен и несебичен придонес на многумина вклучени во борба против ковид 19 со превземање на соодветни мерки согласност со состојбата во даден момент.
ФОКУС Меѓу починатите имаше и доста млади луѓе. Кои според вас се причините?
ПЕТРЕСКИ Сите пациенти кои имаат слаб имунолошки одбрамбен систем и коморбидитети односно дополнителни заболувања потешко се справуваат со болеста без разлика на возрасната група. Ќе потсетам дека имаше пациенти кои имаа и преку 90 години и кои успешно се справија со вирусот. но за жал имаше и млади кој го изгубија животот во борбата. Како најголем ризик фактор за фатален исход кај заболен од ковид 19 се смета зголемената телесна тежина, кардиоваскуларните респираторните заболувања, дијабетот и малигните заболувања . Силно сакам да ја потенцирам и генетската предиспозиција односно вродените генетските дефекти кај одреден процент кај кои се развиваа животозагрозувачи covid 19 пневмонии со фатален исход.
ФОКУС Кој е вашиот став, уште колку време би траела ваквата ситуација?
ПЕТРЕСКИ Сите посакуваме оваа состојба да заврши што поскоро. Со процесот на вакцинација, како една од најдобрите противепидемиски мерки, со која вие на организмот му помагате да развие добар имунолошки одговор, без да развие болест помагате преку развивање на индивидуалниот имунитет побрзо да го постигнете колективниот. Вакцинацијата како процес на активна имунизација побрзо ќе го спречи ширењето на болеста со прекин на ланецот за пренесување на вирусот од човек на човек. Проценката е дека доколку се почне со масовна вакцинацијата може многу брзо да се стави под контрола состојбата незаборавјќи дека после пандемискиот следи постпандемиски период во кој полека животот ќе се враќа во нормала опоравувајќи се од психо-социо-економските последици предизвикани од пандемијата со ковид 19.
ФОКУС Дали сметате дека бројките се намалени или граѓаните се помалку се тестираат?
ПЕТРЕСКИ Точно е дека бројките се намалени, како по однос на новозаразени, уште повеќе по однос на бројот на активни случаи, затоа што бројот на излекувани е поголем од бројот на новозаразени. Намалениот тренд на новозаразени, не се должи на намален број на тестирања, туку најмногу на зголемената свест за почитување на мерките на заштита против ковид 19 и истовремено зголемување на колективниот имунитет од ден на ден стекнат по природен начин.