Македонската електронска сцена остана без Ристо Мелоски, познат како диџеј Ицко од Антена 5, кој синоќа почина на 48-годишна возраст од Ковид-19, на Инфективната клиника во Скопје.
Негови колеги и пријатели со неверување се простуваат на социјалните мрежи од диџејот кој зад себе ја остави сопругата Наташа и две деца. Веста за неговата смрт ги потресе и галичани, бидејќи Ицко е по потекло од Галичник.
Претседателот на Месната заедница Галичник и близок пријател на Мелоски, Александар Костиќ за ,,Фокус” раскажува дека се уште не може да поверува дека Ицко ја изгуби битката со болеста. Вели дека првите симптоми на корона вирусот ги пројавил на 3-ти јуни, а потоа започнала битката за живот.
-Скршени сме од веста. Ицко почина синоќа, на Инфективната клиника во Скопје. На трети јуни се појавија првите симптоми, па беше подобар потоа, дома. На седми беше хоспитализиран. Информациите кои доаѓаа беа лоши, но сите верувавме дека ќе издржи, дека ќе се спаси… Зад себе остави сопруга, две деца, Матеј и Јована. Пред 11 дена Матеј славеше полнолетство… Ицко беше млад човек, полн со живот. Ова е шокантен потсетник дека болеста не бира по никој основ – ни изјави Костиќ.
Додава дека погребот ќе биде извршен според законските процедури. И сопругата на Ицко,Наташа ја потврди веста за неговата смрт и се прости со него на социјалните мрежи.
-Тешко е, но морам да продолжам понатаму заради тебе, бидејќи ти беше човек кој секогаш одеше напред, морам и заради нашите деца, бидејќи ти веруваше во мене – објави Мелоска.
Вики Клинчарова