Од Ковакс за Македонија, БиХ и Косово до јуни по 100.620 дози од Фајзер

by fokus 19:44
19:44

Приближно 14,1 милиони дози вакцини Фајзер/БиоНТек ќе бидат дистрибуирани во 47 земји во вториот квартал на оваа година, соопшти денеска Глобалниот сојуз за вакцини и имунизација (Гави), јави дописникот на МИА од Белград.

Како што пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ) испораката на вакцините ќе се спроведе во периодот од април до јуни оваа година.

- Advertisements -

Според последните информации објавени од Гави, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово преку Ковакс системот во периодот од април до јуни треба да добијат 100.620 дози на Фајзер вакцината.

Во овој трети круг не се распределени вакцините за Црна Гора, додека Србија се очекува да добие 28.080 дози.

Гави, кој раководи со Ковакс заедно со Светската здравствена организација и Коалицијата за иновации во подготвеност за епидемијата, наведува дека тие во првиот круг доставиле 1,2 милиони дози Фајзер вакцини на 18 учесници во програмата.

Во текот на вториот круг доставени се 237 милиони дози на вакцината Астра Зенека до 142 учесници во програмата и испораката е сè уште во тек.

Земјите од Западен Балкан првите дози на вакцини против коронавирус преку системот Ковакс ги добија во средината на март.

Така, Северна Македонија, како и Црна Гора добија 24.000 вакцини АстраЗенека, Босна и Херцеговина доби 26.400 дози вакцини Астра Зенека, како и 23.400 вакцини БиоНТех-Фајзер. Исто така, се очекува на 22 или 23 април да пристигнат 81.600 дози вакцини Астра Зенека.

Поврзани новости