Од коронавирус починаа двајца најголеми антиваксери

by Fokus

Еден од најголемите противници на вакцинацијата, Робин Франсман, дипломиран политиколог и економист, почина вчера во Холандија како последица од Ковид-19.

Според извештаите на медиумите, 53-годишникот не сакал да се вакцинира и често ги критикувал вакцините против Ковид-19 на социјалните мрежи.

Тој на 3 декември напиша на Твитер дека е позитивен на Ковид-19.

Робин Франсман беше основач на иницијативата „Закрепнување на Холандија“ („Херстел НЛ“), чии членови се спротивставија на острите епидемиолошки мерки.

Тие на почетокот на годината презентираа план како општествениот живот во Холандија и во време на короната да се одвива непречено и побараа, меѓу другото, да се воспостават „безбедни зони“ со строги правила за особено ранливите групи.

Министерот за здравство Уго де Јонге го отфрли предлогот, тврдејќи дека е „опасен по живот“ за граѓаните.

ВО ИТАЛИЈА БИТКАТА ЈА ЗАГУБИ И АНТИВАКСЕРОТ КОЈ НАМЕРНО ШИРЕШЕ КОВИД

Маурицио Бурати, италијански антиваксер кој тврдеше дека ковидот не постои, познат и како Мауро од Мантова, починал во болница во Верона во понеделникот, само неколку недели откако беше хоспитализиран, пишуваат денеска италијанските медиуми.

Бурати (61) предизвика гнев во јавноста откако се прогласи себеси за „проширувач на чума“ и се пофали дека шетал заразен и без маска во супермаркет, пренесува порталот Индекс.

Состојбата на Бурати се влошила откако се јавил во една локална радио програма, каде што бил чест и познат коментатор, и отворено им рекол на слушателите дека е тешко болен, има висока температура, но решил да прошета низ преполна продавница без маска.

Тој се бореше против епидемиолошките мерки и тврдеше дека „го брани уставот“. Тој исто така рече дека нема да биде тестиран за коронавирус бидејќи брисевите всушност ја предизвикувале болеста.

Според Бреша Тудеј, тој отишол во болница на инсистирање на неговите фанови и радио водителот Џузепе Кручиани. Одбил да се лекува во болница во неговиот работен град „бидејќи таму има комунисти“.

Енрико Полати, директор болница во Борго Тренто, каде што се лекуваше Бурати, изјави за новинската агенција АНСА дека пристигнал во „очајна состојба“. – Направивме сè и уште малку, но болеста беше немилосрдна, рече тој.

Бурати, наводно, го задржал својот став против вакцинација дури и кога неговата состојба нагло се влошила, дури и откако бил интубиран. Еден од неговите последни коментари за обожавателите беше дека планира да побара азил во странство за да избегне вакцинација.

Се чини дека Бурати конечно го признал постоењето на вирусот на снимка која потоа била емитувана на радио емисијата, пренесува Бреша Тудеј. – Ми беше дијагностицирана билатерална пневмонија, се чини дека е ковид, рече тој.

По неговата смрт, радио водителот Кручиани му оддаде почит на Инстаграм.

“Ти беше, ти си Мауро од Мантова. Те исмејувавме, не навредуваше, зборувавме за тоа до прагот на судот, но се забавувавме како никогаш во мојот живот. Но денеска, ова беше удар во срцето“, напиша водителот.

Друг водител од истото радио, Дејвид Паренцо, рече дека судбината на Бурати треба да послужи како предупредување за другите.

„Почивај во мир каде и да си, стар теоретичару на заговори. Само се надевам дека твојата тажна приказна ќе послужи како пример за сите оние кои сè уште шират сомнеж за ефикасноста на вакцината“, рече Паренцо.

Поврзани новости