Од Кавадарци започна караванот за претставување на кандидатите за Претседател на СДСМ пред членовите на партија.
За СДСМ да се врати како силна политичка партија мора јасно да дефинира став по клучните прашања и да покаже дека вистински се грижи за интересите на своите членови и граѓаните, порача Јован Деспотовски, кандидат за претседател на СДСМ, на првото заедничко претставување на програмите на сите кандидати во Кавадарци.
„Ни треба став за многу прашања, а приоритетно да се изгради за клучните. Многумина наши членови деновиве ме прашуваат – Ако бидете претседател на СДСМ, каков ќе ни биде ставот по прашањето на уставните измени? Тука сакам да бидам јасен. СДСМ излезе на изборите, кои беа и референдум за некои прашања со една понуда, за која се залагавме три години. Нашиот политички противник даде друга понуда по ова прашање и доби три пати повеќе поддршка од граѓаните. Оттаму, ако сакаме да покажеме, а не само да кажеме дека навистина ја сфативме пораката од граѓаните ќе излеземе и ќе им кажеме на ВМРО ДПМНЕ – Повелете, добивте мандат од луѓето, сработете, дајте го решението да го разгледаме и да дадеме поддршка да се спроведе. Тоа им го должиме на луѓето. Е, тоа е став. Така ќе покажеме дисконтинуитет со досегашните политики“ рече Деспотовски.
Деспотовски повика и на што поголема активна регистрација на членовите за да им се слушне гласот и сами да го направат изборот, за да нема наметнати решенија.
„Тука не станува збор само за исходот од гласањето, туку и самиот процес. Ако во рамки на самиот процес поттикнеме и овозможиме што е можно поголем број на членови да го препознаат својот интерес и да се вклучат преку активната регистрација и да учествуваат во изборите и во вакви јавни дебати во тој случај мислам дека сме на добар пат. Доколку се овозможи да имаме фер постапка во која нема да има наметнати решенија и во која секој глас ќе биде препознаен, СДСМ ќе победи на 30 јуни. Многу е важен и резултатот од самиот изборен процес на кој луѓето ќе треба да кажат дали се за континуитет или радикален дисконтинуитет со досегашните пракси и политики,“ истакна Деспотовски.
Кандидатот Венко Филипче пак порача дека се потребни дела, а не зборови.
„На зборови никој повеќе нема да ни верува, туку на делата. А и со дела ќе треба време да мине за да ја вратиме довербата. Тоа ќе биде ѓаволски тешка работа, но мора така, тоа е изводливо со упорност и работа со членството, рече кандидатот за претседател на СДСМ, Венко Филипче.
Тој додаде дека на СДСМ му е потребна реформа на менталитетот, на начинот на кој пристапува во работењето, во односите со луѓето, во планирањето на стратегиите и политиките.
„И таа промена не може да се лажира, или ќе се случи или нема да се случи“, рече Филипче.
Кандидатката за претседател на СДСМ, Славјанка Петровска рече дека со својата програма „Манифест на социјалдемократијата” ветува прогресивни политики во СДСМ како и враќање кон корените на социјалдемократијата.
„Јас сум дете од партијата, сум израснала со СДСМ и ќе делувам кон враќање на СДСМ на власт. Мојот личен интергитет, кредибилитет и чесно работење се особини со кои верувам дека ќе ја вратам довербата во партијата прво кај членовите, а потоа и кај граѓаните на Македонија. Социјалдемократската партија се соочила со многу предизвици, вклучувајќи изборни порази и политички кризи, но мора да остане силна и посветена на својата идеологија. Мора и да се реограгнизира со итни реформи, кои вклучуваат ветинг процеси за избор на чесни и посветени членови на раководството и подобрување на комуникацијата меѓу органите и телата на партијата. Треба да се воспостави и академија за социјалдемократија, која ќе овозможи политичка едукација и континуирано градење на политичкиот потенцијал“, рече Петровска и во таа насока додаде дека и изборот на советници треба да се организира низ широк процес на учество на сите членови на партијата.
Каандидатот за претседател на СДСМ, Александар Бајдевски рече дека има искуство да ја раководи партијата во која членува од 1995 година. Тој нагласи дека имаше години кога во СДСМ постоеше единство, другарство, солидарност, идеологија, взаемна поддршка, како и мотив и желба за подобрување на состојбите како во партијата така и во државата.
„Тоа е она што ќе тежнеам да се врати преку моето работење. Заедно со мојот тим, ќе се потрудиме да докажеме дека СДСМ има капацитет и потенцијал да биде водечка сила во државата, да ги поправи грешките од минатото и да овозможи подобар живот за сите граѓани. Еден од стратешките чекори што треба да ги направиме е да ја вратиме препознатливоста на СДСМ. Кога некој ќе нé праша за што се бориме, ние мораме да имаме конкретен, јасен и прецизен одговор. За таа цел, потребно ни е враќање на корените, враќање на основните социјалдемократски вредности, слободата, правдата,солидарноста, еднаквите шанси за сите. Иако постои перцепција дека во оваа земја граѓаните не ги интересираат идеологија и вредности, јас цврсто верувам дека мораме да изградиме препознатливост кај гласачите преку нашето опстојување и бескомпромисно залагање за вредностите што ја карактеризираат нашата идеолошка матрица“, нагласи Бајдевски и ја посочи важноста на децентрализација на СДСМ.
Ова е првата од серија заеднички претставувања на сите кандидати за претседател на СДСМ.