Хрватската музичка ѕвезда Петар Грашо викендов ќе го помине работно ангажиран во Македонија.
Првин на 20-ти септември (петок) ќе настапи во познатиот ресторан „Сино“ во Кавадарци, а влезниците за неговиот концерт пред кавадаречката публика се распродале за доста краток период. Како предгрупа на Грашо ќе настапи Гала Бенд, а музичарот по настапот во Кавадарци заминува во Штип, каде ќе биде главна музичка ѕвезда на општинската манифестација Штипска пастрмајлијада.
Во Штип ќе го одржи концертот наредната вечер, односно на 21-ви септември (сабота) на големата сцена со почеток од 00.15 часот.
Пред него настапи ќе имаат Јордан Митев, Дупер и Жаре Бербер.
Петар Грашо е редовен гостин во земјава и има по неколку настапи на општински манифестации и гостувања во клубови годишно. Неодамна пееше во Градско на општинска манифестација, пред тоа одржа три концерти во Македонска Филхармонија, а пееше и во Домот на култура во Струмица.
Во годините наназад има гостувано во Битола, Прилеп, Охрид, но и во други градови низ Македонија. Околу тоа колку изнесува неговиот хонорар за настап во Македонија, последната информација датира од пред околу 12 години, кога тогашниот прилепски градоначалник Марјан Ристески откри дека Грашо пеел на Пиво Фест за сума од 9.000 евра.
Сумите за кои сега настапуваат регионалните музички имиња на општински манифестации, градоначалниците не ги откриваат, под образложение дека истите се платени од спонзори, а не од буџетски пари.
Вики Клинчарова