Од каде најчесто купувале онлајн македонските граѓани?

by Fokus

Согласно објавените податоци од Народната Банка на Република Северна Македонија, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ го анализираше бројот и вредноста на реализирани онлајн трансакции со домашни платежни картички кон странски е-продажни места со цел да се креира слика каде најчесто Македонците купувале онлајн во текот на 2021 година.

Во текот на изминатата година, како што соопшти АЕТМ, Македонците реализирале вкупно 14,2 милиони онлајн трансакции со вкупна вредност од 420,7 милиони евра.

– Од овој износ, 318,9 милиони евра се реализирани кон домашните е-продавници, што претставува значајни 75,8 проценти во вкупната вредност на онлајн трансакции. Со домашни платежни картички во странство, во 2021 година реализирани се вкупно 2,9 милиони онлајн трансакции со вкупна вредност од 101,8 милиони евра, наспроти 1,7 милиони онкајн трансакции со вкупна вредност од 47,8 милиони евра во 2020 година што претставува раст од 66,3 отсто во бројот на трансакции и 113 посто во вредноста на трансакциите, наведуваат од АЕТМ.

Од Асоцијацијата за е-трговија коментираат дека растот во 2021 година е очекуван ако се земе предвид дека во 2020 година поради пандемијата не се патуваше и трансакциите за авио-билети и резервации на хотели беа драстично намалени, во 2021 година овие трансакции го надминаа нивото од пред пандемијата.

Од вкупната вредност на трансакции, кои Македонците во текот на 2021 година го потрошиле онлајн за пазарење во странство, дури 75,7 посто од вредноста на трансакциите се реализирале во корист на ТОП 10 земји.

Најголема вредност на трансакциите, односно најмногу онлајн плаќања Македонците реализирале кон Обединето Кралство, Унгарија и Ирска и тоа, според анализата на АЕТМ до некаде е и очекувано имајќи предвид дека од овие земји потекнуваат Amazon UK, ASOS (Обединето Кралство), Facebook, Google (Ирска) и WizzAir (Унгарија).

– Што се однесува до бројот на онлајн трансакции со македонски платежни картички во странство, високи 82,7 проценти од трансакциите завршиле во корист на ТОП 10 земјите – Луксембург, САД, Ирска, Холандија, Обединетото Кралство, Унгарија, Германија, Кипар, Бугарија и Хрватска. Најголем број на трансакции со домашни платежни картички (вкупно 693.460) се реализирани во корист на e-продавници од Луксембург каде што е регистрирана европската филијала на Amazon преку која се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од Европските земји, без Обединето Кралство, се вели во соопштението.

Поврзани новости