Од ИРЛ најавија дека правдата ќе ја бараат во Стразбур откако Кочо Анѓушев го доби судскиот спор против нив

by Fokus

Бизнисменот и поранешен вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев го доби спорот во скопскиот Граѓански суд против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главната уредничка Сашка Цветковска за изнесените наводи во истражувањето „Заговор против воздухот“.

Според пресудата што денеска ја соопшти судијката Јованка Спировска-Панчева, ИРЛ и Цветковска се одговорни за клевета, со изнесување невистинити факти во првата епизода од истражувањето „Заговор против воздухот“ емитувана на 16 мај 2021 година на МРТ.

„…Изнеле невистинити факти со намера да ги повредат нивната чест и углед (на тужителите) и тоа со објавување на фактот дека тужителот Кочо Анѓушев како еден од најголемите бизнисмени во Македонија и вицепремиер за економија направил запознавање на два ентитета, односно доцна во ноќта во зградата на Владата во неговиот кабинет со Кенан Ахметлиќ од ’Хива оил’ и Илија Стрезовски од „Евротим’, по која средба ’Хифа оил’ и ’Евротим’ добиле два нови клиенти и тоа ’Брако’, фирмата на Кочо Анѓушев и ’Фени индустри’, односно денешно ’Евроникел’, како и споменување на фактот дека најголеми клиенти на ’Евротим’ и ’Хива оил’ не се македонските болници туку е поранешното ’Фени индустри’ од Кавадарци, односно денешно ’Евроникел’ и со изјавата дека од тоа може да се заклучи дека приватниот интерес е многу поголем од јавниот интерес, односно профитните компании се оние кои имале и најголем интерес да го купат и набават мазутот бидејќи од 18 милиони евра само 2,9 милиони отпаднале на државните институции, а останатиот дел е во приватниот сектор од кој најголем купувач е ’Евроникел’, односно ’Фени индустри’, искажувајќи заклучок дека кога правата и профитот на една мала и добро повразана клика на луѓе станат поважни и поприоритетни од уставното право на граѓаните да дишат чист воздух и да живеат во здрава животна средина тогаш нешто смрди во државата при што  наведе дека не мисли само на воздухот“, наведе судијката.

ИРЛ и уредничката Сашка Цветковска, според одлуката на судот, треба на секој од тужителите да им платат по 60 денари на име на надомест на штета за повреда на честа и угледот.

„…И се задолжуваат да ја објават изреката на пресудата во весникот „Слободен печат“ на простор не помал од една страница од правата до петта страница на весникот“, рече судијката.

Додека судијката Јованка Спировска-Панева ја читаше пресудата, уредничката на ИРЛ, Сашка Цветкоска, ја напушти судницата. Во текот на образложението на судијката за ваквата пресуда, во судницата имаше револт од останатите новинари во ИРЛ, но и од претставниците на Здружението на новинарите на Македонија и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, кои на коментарот на судијката дека правеле циркус ја напуштија судницата со извици на негодување дека станува збор на срамна одлука.

Објаснувајќи ја пресудата, судијката рече оти се чувствува многу непријатно што морала да донесе ваква одлука наведувајќи дека секогаш се залагала за заштита на слободата на говорот.

Павле Беловски, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, изрази надеж дека во борбата меѓу казнивоста и неказанивоста одново ќе победат и ги охрабри истражувачките центри да продолжат со тоа што го работат.

„Денеска одново се покажа дека правдата во Македонија е витлива, растеглива, има некоја течна агрегатна состојба, меѓутоа вистината е една и, за жал, ние не даваме отчет, новинарите и медиумите, овде во судница, туку даваме пред граѓаните, нашиот аудиториум. Вистината е една и тиа ја знаат затоа што тоа е мерливо и видливо и во довербата што ни ја даваат, а довербата која ја искажуваат во судот зад мене. Мислам дека во борбата меѓу казнивоста и неказанивоста одново ќе победиме ние затоа што парадоксот беше да се казнуваат оние кои нас ни штетат и оние кои сакаат да не обесхрабрат во таа борба, а не ние да бидеме казнетите изнесувани пред ѕидот на срамот во судовите.

Треба да ги охрабриме одново сите истражувачки центри уште посилно, уште поревносно да продолжат во тоа што го работат затоа што ние можеме да се соочиме со многу повеќе репресии отколку што тие може да се соочат со вистината и со вистинската и квалитетна содржина која ја продуцираме“, додаде Беловски.

Фото: 360степени

 

 

Поврзани новости