Битолчанецот Виктор Апостоловски (31) кој е еден од шесте кандидати за претставници на Евровизија 2022, со неговата песна ,,Супермен” моментално има најмногу прегледи на страницата play.mrt.com.mk, односно над 35.000. Останатите кандидати- Кали, Лара, Борис Цветковски, Андреа и Јон Ајди имаат речиси тројно помалку прегледи, од околу 10.000 до над 13.000.
Шесте песни кои се во игра да ја претставуваат Македонија на Евровизија во Италија беа промовирани на МРТ во петокот и јавноста може да гласа онлајн за својот фаворит до четврти февруари.
Првичните реакции по промоцијата на кандидатите и нивните песни, беа дека се работи за млади музичари, кои не се доволно познати на пошироката јавноста. Како еден од оние кој е подолг период на сцената се издвојува Виктор, кого публиката го запозна во музичкото шоу ,,Македонски идол” во 2011 година. Иако не заврши како победник, сепак учеството во шоуто му донесе популарност помеѓу младите генерации.
Со Јана Бурческа, која исто беше учесничка во шоуто, станаа препознатлив пар, а по прекинот на врската останале добри пријатели. Јана беше дел од жири комисијата која ги избра шесте песни кои се во трка за Евровизија, помеѓу кои и онаа на Виктор, а и самата беше наша претставничка на Евросонг 2017 година.
Апостоловски, откако се појави на сцената пред повеќе од една деценија, зад себе има два албуми, видео спотови, настапи, околу 50 снимени песни, учества на фестивали…
Во 2014 година тој беше Дурекс Амбасадор во Македонија, и неговата мисија беше преку забава да ги едуцира младите и да ја поттикнува свеста за потреба од заштита при сексуален однос, како и планирање на семејството.
Песната ,,Супермен” со која е во игра да биде македонски претставник на Евровизија е со музика и аранжаман на Владимир Дојчиновски – Дојчин, а пак текстот им бил заеднички.
Јавноста може да гласа за својот фаворит за Евросонг на страницата evrovizija.mrt.com.mk.
Вики Клинчарова