Од Град Скопје не ги откриваат спонзорите кои ќе го платат настапот на Дино Мерлин

by fokus

Новогодишниот концерт на регионалната музичка ѕвезда Дино Мерлин во Скопје деновиве повторно се најде во центарот на вниманието, откако во српски медиуми беше објавено дека ќе пее за хонорар од 100.000 евра.

Јавноста реагира поради високата сума на пари која што треба да биде одвоена за пејачот и покрај тоа што од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов смируваат и потенцираат дека концертот е бесплатен, односно ќе го платат спонзори. Уште пред два месеци, кога на прес конференција беше соопштено дека Мерлин ќе ги забавува граѓаните на плоштадот во Скопје за најлудата ноќ, „Фокус” стапи во контакт со ПР службата на Шилегов.

Со оглед на тоа што во минатото кога настапувал за новогодишната ноќ на плоштади во повеќе земји во регионот, тамошните медиуми известуваа дека неговиот хонорар за дочекот на Новата година се движел околу сто илјади евра, побаравме одговор за колку пари ќе настапува во Скопје.

Како што тогаш ни изјави портпаролот Валон Салиху, хонорарот во целост ќе бил покриен од спонзори, но на нашето прашање кои се компаниите, односно спонзорите, кои ќе го исплатат Мерлин, не добивме одговор. Не ни беше одговорено ниту на прашањето колку точно изнесува хонорарот на музичарот, со оглед на тоа што се работи за јавен настан, во организација на градот. Денес, откако темата повторно се актуализираше, уште еднаш се обидовме да добиеме одговор на прашањето кои се спонзорите, но безуспешно.

Од ПР службата, се до објавата на текстот, не одговорија на нашата СМС порака ниту пак на телефонските повици, па останува прашањето зошто се држат во тајност спонзорите на настанот. Босанскиот музичар Мерлин (Ервин Делишхалидовиќ) важи за најскапо платениот пејач на Балканот. Пред две години, кога во Велес на јавна анкета граѓаните го избраа да им пее на Питијадата, тогашниот градоначалник Славчо Чадиев ни откри дека им побарал сума од 60.000 евра, но поради немање на слободен термин во тој период, манифестацијата помина со друг пејач, наместо со Мерлин. Редовна пракса на познатите музичари е, кога станува збор за настап за дочек на новата година, да побараат значително повисок хонорар.

Македонската публика можеше да го слуша Дино пред две години, кога настапи на манифестацијата Струмица Опен Фест, но и во Прилеп во 2015 година, на Пивофест. Истата година тој имаше голем солистички концерт во Скопје, во Арена Борис Трајковски, каде го промовираше албумот „Хотел Национал”. По концертот во Скопје, одржа концерт и во Охрид, на стадионот Билјанини извори.

В.К.

Поврзани новости