Две бебиња помали од два месеци починале од пертусис (голема кашлица) во Грција, а три биле хоспитализирани на одделот за интензивна нега за новороденчиња, додека во изминатиот период во земјата е регистриран зголемен број случаи, покажуваат податоците од Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ) во Грција.
Информациите се дека од почетокот на годинава заклучно со месец мај, биле потврдени вкупно 230 случаи на пертусис, од кои 57,8 отсто се кај деца, наспроти само 9 случаи минатата година.
Од ЕОДИ истакнуваат дека зголемувањето на случаите веројатно е поврзано со ненавремената имунизација на одредени возрасни групи и посочуваат дека пертусисот е ендемично заболување со епидемии кои се јавуваат на секои три до пет години, дури и во области со висока покриеност со вакцинација, а бебињата се изложени на најголем ризик.