Од Фондацијата Допир немаат коментар за кривичната пријава која ја поднесе Министерството за внатрешни работи, а во врска со хуманитарната измама со која се собирале донации за фиктивни и измислени болни деца. „Фокус“ направи обид да стапи во контакт со одговорните од Фондацијата, но од таму одбија да дадат изјава, а кога прашавме што со оние луѓе кои биле измамени од таму ни спуштија слушалка
Веб страната на Фондацијата повеќе не е во употреба, но постои фан пејџот на социјалната мрежа Фејсбук. Кратко разгледување е доволно за да се утврди дека така наречената Фондација не споделила многу информации. На прв поглед е видливо дека децата за кои се бараат средства немаат никаква дијагноза, односно не е познато од што боледуваат и за какво лекување им се потребни парите.
Освен тоа Фондацијата немала телефонски донаторски броеви, иако во коментарите под фотографиите хуманите луѓе кои сакале да донираат постојано го барале тоа. Луѓето кои стојат зад измамата барале донациите да се исплаќаат или во кеш преку картица или со уплата на жиро сметка.
„Фондацијата ДОПИР обезбедува материјална поддршка за деца со здравствени потреби. Секое дете има шанса за достоен живот. Рака што дава, никогаш не се суши, ако успееме да спасиме едно дете, исто е како да сме го спасиле целиот свет. Донирај сега на следниов линк: https://bidihumansega.mk/ и придужи се на листата на Амбасадори на Хуманост која ќе биде јавно објавена во повеќе Македонски медиуми., стои во повикот за донации.
Од МВР претходно соопштија дека е поднесена кривична пријава против две лица, М.Ш. (53) и А.Ш. (49) за сторено кривично дело „компјутерска измама“.
„Пријавените со цел да се стекнат со противправна имотна корист формирале Фондација “Допир“ и креирале веб страна која активно работела на собирање средства за помош на деца со посебни потреби и ретки болести“, соопштија од МВР.
Како што велат од таму поголемиот број од лицата за кои се собирале средства не постојат, односно креирани се измислени, лажни, фиктивни профили преку кои веб страницата собирала донации и парични средства.
Фондацијата Допир успеала од хуманите луѓе да собере 3.531.199 денари.