Пет нови случаи на корона вирус денес се регистрирани во Тиквешијата, и тоа четири во Кавадарци и еден во Росоман. Лицата се на возраст од 39 до 66 години и се тестирале поради пројавени симптоми. Само едно од нив навело дека имало контакт со веќе позитивен пациент, останатите не знаат од каде се заразиле.
И денес, помеѓу новорегистрираните има вработени во германската фабрика ,,Дрекслмајер” како и во изминатиот период.
Фабриката за производство на кабелски системи за автомобилската индустрија, е еден од најголемите работoдавачи во земјава, и таму се вработени околу 6.000 лица од Кавадарци, Неготино, Велес и Прилеп и Демир Капија. Неретко, помеѓу инфицираните од овие општини се регистрираат лица кои работат во фабриката, а околу тоа кој е точниот број на работници во ,,Дрекслмајер” кои се инфицирале од почетокот на пандемијата, како и колку од случаите се активни во моментот, побаравме одговор од надлежните служби во компанијата.
Катерина Бакалова, која е лице за контакт со медиуми, на нашето прашање одговори со појаснување околу тоа кои мерки за заштита од вирусот се применуваат во фабриката, но точниот број на инфицирани работници, не го соопшти. Исто така, во одговорот е наведено дека позитивните работници во фабриката се заразиле надвор од работното место.
-Во моментот во земјава, но и во Европа за жал бројот на инфицирани со корона вирус е во пораст. Она што зависи од нас е максимално да ги заштитиме нашите вработени и да ги преземеме сите превентивни мерки.
Во моментов позитивните вработени за среќа не се поврзани меѓу себе и се заразени во своето приватно опкружување. Ова го покажува и фактот што дел од тие што се активни веќе се наоѓаа во изолација заради тоа што имале заразен член во семејството.
Најголем фокус во моментот ни е контрола на вработените дали се придржуваат на ковид мерките: правилно носење маска, држење дистанца не само за време на работа туку и за време на паузите. Бараме редовни извештаи и од транспортните компании за дезинфекција на автобусите. Онаму каде има подолги релации како на пример Прилеп, обезбедуваме дупли капацитети на автобусите за да можат вработените да седат сами за време на патувањето до и од работа.
Фабриката редовно се дезинфицира од страна на надворешна сертифицирана компанија. Набавени се околу 200.000 маски за вработените, а дел од административните работници работат од дома или ротираат во две смени.
Редовно се мери телесна температура на влез во автобусот или на влез во фабриката.
А дезинфекциони средства за раце се поставени насекаде низ фабриката. Во постојан контакт сме и соработуваме со надлежните здравствени институции и ги следиме нивните насоки.
Сепак, апелираме на одговорно однесување на сите и надвор од работата, во своето приватно опкружување. Само така ќе може да се спречи ширење на корона вирусот – наведено е во одговорот на нашето прашање.
На нашата констатација дека сепак, се интересираме за бројот на заболените, Бакалова вели дека ги нема бројките, и како за тој дел е одговорен Одделот за безбедност и здравје при работа, и се внимавало на заштита на личните податоци.
,,Фокус” се обиде да стапи во контакт и со директорката на Центар за јавно здравје Велес, д-р Анастасија Иванова, со цел да ја информираме јавноста за точниот број на активни случаи во фабриката, кој е од јавен интерес, посебно поради тоа што голем број на граѓани се вработени таму.
Таа не одговори на нашите телефонски повици.
Кон крајот на месец јуни пак, кога од центарот информираа дека има позитивен случај во Велес кај работник вработен во поголема странска фабрика, што предизвика вознемиреност кај населението, Иванова во телефонски разговор ни порача дека не може да открие за која фабрика се работи, бидејќи такви информации не давала за јавност.
Вработени во фабриката кои инсистираат да останат анонимни, за ,,Фокус” потврдуваат дека во халите се запазуваат мерките за заштита и има доволно растојание помеѓу вработените. Она од кое стравуваат е дека вирусот најверојатно се шири надвор од фабриката, бидејќи дел од работниците веднаш штом влегувале во автобусите ги симнувале маските.
Вики Клинчарова