Влезот во САД од денеска е можен само со негативен тест на коронавирус и важи и за странските и за американските државјани.
Мерката што неодамна ја најави Центар за контрола на заболувањата (ЦДЦ), се однесува на сите кои пристигнуваат со авион.
-Тестирањето не ги елиминира сите ризици, но ако е комбинирано со период на самоизолација и секојдневни мерки на претпазливост, како носење маски и физичка дистанца, тоа може да го направи патувањето побезбедно, поздраво и поодговорно за намалување на ширење на заразата во авионите, на аеродромите и на крајните дестинации, изјави д-р Роберт Редфилд, директорот на ЦДЦ, најавувајќи ја новата мерка.
Новата мерка предвидува сите патници што летаат за САД да направат тест најмногу три дена пред датумот на летот и да покажат документ за резултатите од тестот или да приложат доказ дека прележале ковид-19. Оние кои немаат, авиокомпанијата има право да ги врати назад.
Центарот препорачува сите патници на домашните и меѓународните летови да се тестираат најмногу три дена пред да заминат на патувањето, и повторно да се тестираат по враќањето дома.
На американските граѓани исто така им се препорачува да не патуваат ако тое не е неопходно.
Овие мерки се преземаат со надеж дека ќе се запре ширењето на вирусот, бидејќи САД и натаму се на врвот на листата по бројот на заразени во светот со речиси 26 милиони заразени досега и над 431 000 починати како последица на болеста ковид-19.