599
Почнува примената на измените на Законот за данок на личен доход со кои се става во мирување примената на прогресивниот данок на личен доход. Следните 36 месеци доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права, како и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи ќе се оданочува со стапка од 10 проценти. Во мирување ќе биде ставена и стапката од 15 проценти, што значи дека стапка од 10 проценти ќе се применува и за оданочување на доходот од права на индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капиталните добивки, од осигурување и другиот доход.
Министерката за финансии Нина Ангеловска, кога ги најави измените на Законот за данок на личен доход, рече дека не станува збор за негово укинување, како и дека став на Владата е оти прогресивен данок може да ја подобри распределбата на доходот во системот и да даде добри општествени ефекти што би резултирало со поправедно и поразвиено општество.
– За да се постигне ваков ефект, прогресивниот данок треба да има оптимален дизајн во чиј центар е домаќинството, да биде донесен во консултативен процес со сите засегнати страни, да постојат ефикасни механизми за елиминирање на сивата економија и да има зајакната доверба во институциите како и да се воспостават ефикасни и ефективни процеси со искористување на потенцијалот од технологијата, со цел намалување на административниот товар, кој ќе биде распореден на сите, рече тогаш Ангеловска.
Oдлуката за ставање во мирување на прогресивниот данок е донесена врз основа на анализа на големи податоци, што овозможуваат да се извлече тенденцијата и да се донесе заклучок врз основа на електронско пријавување и наплата на данокот на личен доход. Според анализата, приходите кои можеле да се приберат од прогресивното оданочување и повисоката стапка на личен доход се помали за 51,2 отсто во однос на потенцијалот. Вкупно изгубените приходи што можеле да се приберат, а не се прибрале, се оценети на 6,5 милиони евра, тоа се средства кои буџетот можел да ги има, но не ги добил поради промената во однесувањето на даночните обврзници, покажува анализата.
Од 1 јануари се зголемува и прагот за ДДВ обврзник од милион денари на два милиони денари. Со измените во Законот за данок на додадена вредност се менува и периодот во кој обврзникот е должен да остане во системот на ДДВ и тој се скратува на три години од тековните пет години. Со тоа, сите правни и физички лица коишто во 2019 година не го надминале новопоставениот праг, ќе може доброволно да се дерегистрираат од системот.