Од денеска Уверение за државјанство и во електронска форма

by Fokus

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска беше на настан во просториите на „Една Точка за Услуги” – проект на Министерството за информатичко општество и администрација, каде што се соединуваат сите државни институции со цел поедноставување на пристапот на граѓаните до институциите и услугите кои ги нудат.

Спасовски рече дека граѓаните можат да добијат уверение за државјанство во електронска форма на е-маил адреса и мобилен телефон.

„За таа цел, како МВР донесовме Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на водење евиденција за државјаните на Република Северна Македонија и за обрасците што се применуваат односно издаваат. Притоа, работни тимови од Одделот за информатика и телекомуникации и Одделот за граѓански работи во соработка со МИОА, овозможија преку Националниот портал за електронски услуги, барањето да се реализира преку емаил адреса или паметен телефон”, рече Спасовски.

Објаснувајќи ја постапката за поднесување барање за уверение за државјанство во електронска форма, министерот Спасовски истакна:

„Барањето се поднесува во лично име и за свое малолетно дете, а услугата е достапна на веб сајтот www.uslugi,gov.mk, лични документи и исправи, државјанство. Барање може да поднесе лице кое има државјанство на Република Северна Македонија и е регистрирано на порталот за е-услуги, преку Системот за единствена најава (СЕН), односно Националниот портал за електронски услуги, согласно прописите од областа на електронското управување и електронски услуги и од областа на електронските документи, електронската идентификација и доверливи услуги”, рече Спасовски, додавајќи дека досегашниот начин на издавање на уверение за државјанство во хартиена форма ќе продолжи да се издава на досегашниот начин (лично или со полномошно на шалтерите во управните служби на Министерството за внатрешни работи) независно каде лицето има пријавено живеалиште.

Тој нагласи дека МВР продолжува со дигиталната трансформација на процесите и услугите и во наредниот период, а со цел обезбедување брзи услуги кон граѓаните преку намалување на влијанието на човечкиот фактор.

„Ова е еден важен аспект од процесот на евроинтеграциите, бидејќи така ќе се подобри и квалитетот и ефикасноста во обезбедување на услуги за граѓаните. Притоа, ќе се осигура континуитетот и непречената работа на институциите. А, воедно би споменал дека е и успешна алатка во борбата против корупцијата”, истакна Спасовски.

Цената на чинење изнесува 150 денари (100 денари административна такса и 50 денари за образец) и истата може да се плати електронски во моментот на поднесување на барање за Уверението за државјанство во електронска форма.

Обрасците за уверение за државјанство број 4 ( македонски јазик) и 4а ( македонски и албански јазик) се заменети со нови обрасци, избришан е податокот за живеалиште заради целосно усогласување со процесот на дигитализација.

Поврзани новости