Од денеска упис во средните училишта: Пријавување по азбучен ред, носење маска и држење растојание

by Fokus

Од денеска до 18 јуни ќе се спроведува првото пријавување од јунскиот рок за упис во учебната 2020/2021 година, според критериумите утврдени во Конкурсот на Министерството за образование и наука за запишување ученици во прва година во јавните средни училишта за настава во гимназиско, стручно, уметничко и за средно образование за ученици со посебни образовни потреби.

Уписот ќе биде организиран и спроведен согласно со насоките од Протоколот усвоен од Владата по препорака од Комисијата за заштита од заразни болести, кој е проследен до сите училишта.

Според протоколот, документите се поднесуваат по азбучен ред на презимето, а распоредите училиштата требаше да ги објават најдоцна до петокот. Задолжително е носење заштитни маски, растојание од два метра и дезинфекција. Училиштата се обврзани да обезбедат редари и е ограничен бројот на ученици кои во исто време ќе влезат во училиштето за да поднесат документи. Не е дозволена придружба од родител/старател, освен од оправдани причини.

Пријавувањето ќе биде денеска, утре и во четврток (16, 17 и 18 јуни) во периодот од 7 до 19 часот, како и на 19 јуни  од 7 до 13 часот. Училиштата во кои бројот на пријавени ученици во последните години е помал од бројот предвиден во конкурсот, може да организираат пријавување на учениците само денеска и утре. Ранг-листите со запишани ученици ќе бидат објавени на 19 јуни по 15 часот.

И во средните училишта за уметничко образование, пријавувањето на учениците е денеска и утре, а на 18 и 19 јуни ќе се организира квалификациски испит согласно со донесените протоколи.

Учениците кои ќе се запишуваат во средните училишта, заедно со целокупната потребна документација наведена во Конкурсот треба да носат и пријава која може да ја преземат од веб-страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk.

Формуларот  за пријавување е достапен на четири (наставни) јазици – македонски, албански, турски и српски. Потребно е секој ученик да го испечати, пополни и да го достави до училиштето заедно со останатите документи.

Според роковите од Конкурсот, второто пријавување и запишување е на 24 и 25 јуни, а третото пријавување ќе биде на 29 јуни.

Поврзани новости