Од денеска построги мерки на грчките копнени граници

by Fokus

Само од шест гранични премин, од денеска е дозволен влез и излез од Грција за грчките државјани и оние кои имаат дозвола за престој, додека пак Промахонас (Кулата) на границата со Бугарија и понатаму останува единствената влезна точка на копнените граници за туристите од земјите што се наоѓаат на листата одобрена од јужниот сосед, јави дописничката на МИА од Атина.

Поради зголемениот број поминувања кон соседните земји, но и поради зголемениот број позитивни случаи на Ковид-19 од граничните премини, грчката Влада, со одлука на премиерот Кирјакос Мицоакис, а по препорака на надлежните, одлучи да ги заостри мерките на копнените граници и да остави отворени по два премини кон Албанија и Бугарија и по еден кон Северна Македонија и Турција.

-Освен она што веќе е одлучено и е во сила за влез од Промахонас, од вторник кон среда 22 јули на полноќ, до 4 август, влезот на грчка територија за есенцијални поминувања дозволено е само од граничните премии Какавиас, Кристалопигис, Евзони, Промахонас, Нимфеас и Кипи,рече во понеделникот портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас и додаде дека и грчките граѓани и оние кои имаат дозвола за престој исто како и туристите се обврзани да го пополнат специјалниот образец Passenger Locator Form (PLF).

Во однос на сезонските земјоделски работници, кои најчесто доаѓаат од Албанија,  во случај да излезат од Грција пред 4 август, нема да имаат право повторно да влезат во земјата.

Како што објави МИА мината седмица, копнените граници за македонските, турските и албанските државјани, остануваат затворени до 31 јули 2020 година, согласно министерската одлука со која е продолжена забраната за авионско, железничко и копнено поврзување со Северна Македонија, Албанија и Турција.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас на вчерашната прес конференција ги соопшти статистичките податоци за периодот 1 – 19 јули, односно од отворањето на границите, кога во земјата влегле 918.032 лица, биле направени 127.900 тестови и откриени 295 позитивни случаи, од кои 186 се од копнените граници .

-Во однос на потеклото на случаите, први пет земји со најмногу случаи беа Србија со 78 случаи, Бугарија со 63, Романија со 61, Албанија со 23 и Соединетите Американски држави со шест. Карактеристично е што 225 од 295, односно 76,27 отсто беа од четирите пријателски соседни балкански земји, објасни заменик-министерот за цивилна заштита на Грција.

Поврзани новости