Од денеска стапуваат во сила новите рестриктивни мерки со кои за влез во угостителските објекти и на организирани настани ќе мора да се приложи сертификат за примени вакцини или потврда за прележан Ковид-19 во изминатиот месец и половина. Со новите мерки целосно се забранува и одржување настани и работа на угостителските објекти на затворено.
Угостителските објекти мора да имаат редарска служба која ќе врши контрола, а се најавуваат и засилени инспекциски контроли.
Надлежните велат дека мерките се носат со цел да се заштити јавното здравје и да не се доведе државата во ситуација повторно да воведува локдаун и целосно затворање на одредени дејности.
Mинистерот за економија Крешник Бектеши вчера апелираше да се почитуваат протоколите од страна на сите дејности и најави дека на денешниот состанок на Главниот кризен штаб ќе биде разгледана и можноста освен со сертификат за вакцинација и потврда за прележан коронавирус, да се влегува и со негативен ПЦР тест, но не постар од 14 дена.
– Согласно бројките што ги имаме последните денови, се разгледуваат повеќе опции како што се воведување на потврда за вакцинација и потврда за антитела, а дополнително ќе се разгледа и можноста да се достави и ПЦР тест, но не постар од 14 дена, а секако да ги прошириме и дејностите вклучувајќи ги тука и шопинг моловите, истакна Бектеши.
И додека надлежните апелираат на масовна вакцинација за што поскоро нормализирање на состојбата, вчера во повеќе градови низ државата се одржаа протести против новите рестриктивни мерки. Според присутните, со новите мерки им се ускратува слободата на граѓаните, се кршат човековите права и се дискриминираат оние граѓани кои не сакаат да се вакцинираат.
Министерот за здравство Венко Филипче доцна вечерта се огласи на Фејсбук порачувајќи дека вакцините и мерките се ефикасни и нагласувајќи дека вакцинацијата е доброволна.
– Протестот е уставно загарантирано право, но исто такво е и правото на здравје. Мерките кои ги предлагаме се веќе докажано ефикасни, а вакцинацијата единствен начин да се бориме против вирусот, напиша Филипче.
Во статусот, Филипче наведе дека на многу места во Европа веќе е секојдневие да се бара сертификат за влез на масовни настани и во угостителски објекти и оти тоа никој не го смета за дискриминација, туку за одговорност и заштита на јавното здравје.