Од денеска граѓаните во земјава ќе може да плаќаат во кеш најмногу до 500 евра. Во сила стапија измените на Законот за платен промет, кој според министерот за финансии Драган Тевдовски, е мерка во борбата против сивата економија.
-Клучно е дека оваа мерка се спроведува со цел да се намали сивата економија и затоа што со плаќање на црно, практично се прави штета на граѓаните. Заради тоа ние презедовме мерка за спуштање на лимитот за плаќање во кеш и таа мерка се спроведува од порано бидејќи првиот лимит беше на 2.000 евра и успешно се реализира, потоа од 1 јануари годинава лимитот беше спуштен на 1.000 евра, а од денеска ќе биде до 500 евра, изјави Тевдовски.
Во Законот јасно е нагласено дека од 2.000 евра лимитот ќе се напамали на 1.000 евра и ќе се застане на 500 евра.
Тоа, според министерот, е добро, бидејќи тоа е борба против сивата економија и против плаќањата што не се пријавени и не се оданочени.
-Ние имаме институционален капацитет да ја спроведеме оваа мерка, покажавме дека тоа од минатата година успешно се спроведува и така ќе продолжиме, порача министерот Тевдовски.