Од денеска почна етапната исплата на октомвриските пензии, информира Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Пензиите, како што посочуваат, ќе бидат исплатени предвреме и етапно, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот КОВИД-19.
-Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата: За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 26.10.2021 година (вторник); За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 27.10.2021 година (среда); За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 28.10.2021 година (четврток); и За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 29.10.2021 година (петок), соопшти МТСП.
Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, порачуваат од МТСП, со парите можат да располагаат од 26 октомври (вторник).
-Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања. Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, со оглед на тоа што пензионерите како возрасна група се најранливи, велат од МТСП.
Оттаму укажуваат дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми и апелираат пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, затоа што, како што посочуваат, етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје.