Од денеска, граѓаните на Македонија, Србија и Албанија можат да ја користат мерката Слободен пристап до пазарот на трудот во рамки на „Отворен Балкан”. Мерката произлегува од меѓународните договори потпишани меѓу трите државни членки на иницијативата Отворен Балкан и тоа Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан, како и Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан.
Мерката има цел да придонесе кон отстранување на бариерите кои ја попречуваат трговијата и слободното движење на луѓето и да овозможи користење електронски услуги во рамките на самата иницијатива.
Заинтересираните граѓани за слободен пристап до пазарите на труд на Северна Македонија, Албанија и Србија најпрво треба да извадат Идентификациски број на Отворен Балкан на порталот за е-услуги во својата држава, со што потоа аплицираат за Одобрение за слободен пристап до пазарот на трудот во останатите две држави. Постапката се одвива целосно електронски и трае до 30 дена.
Откако заинтересираните граѓани ќе се најават на uslugi.gov.mk и ќе поднесат барање за издавање Идентификациски број за Отворен Балкан (OB ID), кое веднаш се генерира, следен чекор е со тој број да аплицираат за Сертификат за слободен пристап до пазарот на труд во Србија https://euprava.gov.rs/ или во Албанија https://e-albania.al/.