Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за здравство Фатмир Меџити и заменик министерката за здравство Маја Манолева присуствуваа на презентацијата на хеликоптерот со новата опрема за итна медицинска помош.
Двајцата министри пристигнаа во болницата во Битола со задоцнување од педесет минути, бидејќи со хеликоптерот беше транспортиран пациент. Се работи за ловџија кој паднал во дол и ја скршил ногата во тешко пристапен терен кај Буковиќ, Тетовско, а кој беше транспортиран до скопската болница.
„Ова беше добро промовирање за почеток, но за несреќа на пациентот, кој сепак беше во добра општа состојба. Имаше скршеница на десната нога на глуждот. Беше на непристапно место за Итната медицинска помош. Со ова докажуваме дека грижата за пациентите ни е пред сè“, изјави министерот за здравство Меџити.
Заменичката-министер за здравство Маја Манолева кажа дека опремата опфаќа монитори за следење витални параметри и инвазивен мониторинг, дефибрилатор, кислородна боца, аспиратор, како и лекови и други медицински инструменти.
„Дополнителна опрема ќе се обезбедува во зависност од дијагнозата на пациентите кои ќе има потреба да се транспортираат. Транспортот е целосно бесплатен за пациентот, а за потребата од ваков транспорт ќе врши стручна проценка директорот на установата од каде примарно е пациентот, како и според итноста на состојбата. Нашата тенденција е во иднина да се формира и посебен кол-центар одговорен за координација, како и да се прошири проектот со вклучување повеќе центри“, рече Манолева.