Од декември ќе почне исплатата од повратот на ДДВ што граѓаните го прават со скенирањето на фискалните сметки, соопшти директорката на УЈП, Сања Лукаревска.
– Од 1 јули започнавме со реализација за проектот Мој ДДВ односно поврат на 15 проценти од платениот ДДВ кон граѓаните кој има за цел да ги врати парите кај граѓаните и да придонесе за намалувањето на сивата економија. Заклучно со денешниот ден бројот на корисници е 183.572, скенирани се 38.514.016 фискални сметки, а остварен е прометот од 18.877.173.838 денари. Повратот од 15 проценти е во висина од 4.986.000 евра, истакна Лукаревска.
Директорката информираше дека за првите десет месеци оваа година, Управата за јавни приходи – УЈП оствари вкупен даночен приход од 68 милијарди денари, кој е за три проценти повисок од остваренот приход минатата година, односно за 10 отсто повисок од 2017 година.
-Не помалку значајни резултати се постигнати и во наплатата на социјалните придонеси од плата во периодот јануари – октовмри 2019 година. Остварен е вкупен приход по основ на социјални придонеси од плата во износ од 59,4 милијарди денари. Овој износ е повисок за 8,6 проценти во однос на истиот период од 2018 година, односно за 16,3 отсто од 2017 година во истиот период, истакна Лукаревска.
Таа информираше и за повраток кон фирмите што според неа е без селекција и во однос на 2019 до октомври извршен е поврат за 41,5 проценти поголем од 2015 година.