Адвокатот Серјожа Марков, познат во јавноста како екс адвокат на Сашо Мијалков и како брат на сопругата на Иво Котевски – Маја, со голема журка завчера го прослави раѓањето на синот Јон, кој го доби во брак со пејачката Аделина Тахири Марков.
Забавата се случувала во елитниот комплекс Орман, во присуство на стотина гости. Дел од присутните ни открија дека атмосферата била доста забавна, а за музичкиот дел биле задолжени Панки, Васка Јанковска и оркестар со трубачи.
-Прекрасна беше забавата, таткото Серјожа навистина се потруди околу целата организација. Пребогата трпеза, мекици, музика за сечиј вкус. Од чочек, народни, па се до рок песни се слушаа. Се пееше „Туѓа си бескрајно“, „Ѓурѓовден“, но и забавни песни од репертоарот на Панки – ни раскажаа пријатели на Маркови.
Пред десеттина дена, Аделина и Серјожа исто така имаа голема забава со која го најавија раѓањето на нивното прво дете. Тогаш, пред гостите откриле дека ќе добијат син, кој решиле да го крстат Јон.
Забавите пред раѓањето на бебето во светот се познати како Baby shower и се честа практика на западот. На нив се слави очекувањето на раѓањето и трансформацијата на жената во мајка. Гостите носат подароци за нероденото бебе.
Марков, кој во 2013 година е избран за почесен конзул на Молдавија во Македонија, лани ја запроси Аделина на романтичен начин во австрискиот главен град Виена.
Аделина пак, е позната и како македонска Бијонсе. Таа често позира во провокативни изданија и неретко на социјалните мрежи објавува фотографии кои изобилуваат со луксуз. Присутна е на сцената со години наназад, а во медиумите неретко се пишуваа сензации поврзани со нејзиното име.
Веста за раѓањето на синот таа ја сподели на социјалните мрежи пред три дена, објавувајќи фотографија на која ја држи раката на новороденчето.
Вики Клинчарова