Ставот презентиран од бугарското Министерство за надворешни работи во најновото соопштение е дека „Бугарија нема нови услови кон Северна Македонија. Напротив, таа искрено сака да го види својот сосед како напредува кон полноправно членство, преку успеси во реформскиот процес и напорите за градење добрососедски односи“.
„Бугарија нема нови услови кон Северна Македонија. Напротив, таа искрено сака да го види својот сосед како напредува кон полноправно членство, преку успеси во реформскиот процес и напорите за градење добрососедски односи. Го очекуваме првиот чекор во овој процес, согласно обврските потпишани од Скопје во јули 2022 година – ‘…стапување во сила на измените на Уставот на Северна Македонија за граѓаните кои живеат на територијата на оваа земја и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, според внатрешните процедури’“ – се вели во соопштението на МНР на Бугарија.
Посочуваат дека договорите мора да се спроведуваат, без разлика дали се мултилатерални или билатерални.
„Од нашите пријатели во Северна Македонија секогаш очекуваме совесно исполнување на сите преземени обврски, а не обиди да се толкува дали процесот на европска интеграција бара нивно исполнување. Патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ има јасно дефинирани параметри. Неодговорно и контрапродуктивно е да се нарушува тешката и деликатна рамнотежа со несоодветни и тенденциозни толкувања кои отстапуваат од критериумите јасно утврдени од Советот на ЕУ за оваа работа. Посебно опасни се обидите манипулативно да се претстават условите кои се веќе договорени и опишани во компромисот од 2022 година, како некои нови барања на Република Бугарија“ – стои во соопштението.