Зголемена плата за 78 отсто им се исплаќа на над илјада функционери и за таа намена до крајот на годината од Буџетот ќе се потрошат дополнителни 960 милиони денари, согласно одлуката на Уставниот суд.Ова на денешната средба со новинарите го кажа министерот за финансии Фатмир Бесими.
Тој потврди дека за април годинава му е исплатена плата повисока за 78 отсто, и рече дека досегашната плата му била 71.145 денари, а за април му се исплатени 125.960 денари.
„Добро е што Уставниот суд го укина спорниот член од 2012 година за коефициентите на платите наместо да го поништи. Ако го поништеше на функционерите ќе требаше да им се исплати застостанат долг за речиси 11 години со затезни камати“, рече Бесими.
Тој смета дека сега не е најповолно време за усогласување и зголемување на платите во јавниот сектор, бидејќи ќе има импликации на инфлацијата и препорачува зголемувањето на плати да се имплементира од 2024 година. Според него, платите во јавниот сектор треба да растат ако расте продуктивноста и ако се зголемат платите во реалниот сектор.
„Усогласувањето на платите на Економско-социјалниот совет ќе трае подолго, а методологијата за зголемување на плати може да се донесе побрзо“, рече Бесими.
Неодамна Уставниот суд укина одредба од Законот за плати за коефициентите на плати со која се овозможи на јавно избраните функционери да им се зголемат платите за 78 отсто. Одредбата за коефициентите на плати донесена во 2012 година пред Уставниот суд беше оспорена од адвокат. Со неа покрај функционерите во Владата се опфатени и пратениците, градоначалниците, судиите,…, и другите избрани лица.