Од болницата Систина го демантираат синот на Амди Бајрам: Резултатот од неговиот тест бил позитивен!

by fokus

Од клиничката болница Аџибадем Систина ги демантираат тврдењата на Габриел Бајрам, син на починатиот политичар Амди Бајрам, дека при тестирање во нивната болница добил негативен резултат на Ковид – 19, а потоа во телефонски разговор му било кажано дека дошло до некаква грешка, и резултатот сепак бил позитивен.

Во демантот кој го доставија до нашата редакција, тие ги отфрлаат неговите тврдења.

-Клиничката болница Аџибадем Систина во целост ги отфрла наведените тврдења за болницата наведени во текстот објавен на вашиот медиум со наслов ,,Хаос со ковид тестовите во семејството на Амди Бајрам”.

Лицето кое го цитирате во текстот дошло на тестирање во лабораторијата на болницата на 26.10. 2020. Со оглед на тоа што резултатот од молекуларниот тест ( ПЦР) бил позитивен, освен на лицето, известување за тоа е испратено и до Институтот за јавно здравје што е задолжителна обврска. Во целост ги отфрламе и тврдењата дека нашата болница го информирала лицето дека има негативен резултат на ПЦР молекуларна детекција на вирусот Sars – Cov 2 – наведено е во демантот од болницата.

Како потсетување, Габриел Бајрам вчера на социјалните мрежи објави наод од негативен тест за Ковид-19, кој го направил во лабораторијата Биотек на 28-ми октомври.

Во разговор за ,,Фокус” потврди дека тоа било негово второ тестирање. Првично се тестирал во Систина, и тврдеше дека резултатот бил негативен, за да потоа телефонски го известат дека сепак е позитивен.

-Немам симптоми и добро се чувствувам. Што да и кажам на мојата фамилија, по овие нелогични резултати кои ги добивме? Нека се изјаснат здравствените служби – порача тој.

Вики Клинчарова

Поврзани новости