Од „Азовстал“ евакуирани 20 жени и деца

by Fokus

Во тек се напори за да се осигура безбедна евакуација на повеќе луѓе заробени во големата фабрика за челик „Азовстал“ во украинскиот пристанишен град Мариупол. Свјатослав Паламар, заменик командант на Азовскиот полк во фабриката, во видеото на Телеграм вчера рече дека група од околу 20 жени и деца успеале да заминат поради локалниот прекин на огнот.

-Ги вадиме цивилите од урнатините во фабриката со јажиња – тоа се постарите, жените и децата, рече тој и додаде дека се се надева оти луѓето ќе бидат однесени во градот Запорожје, каде што е формиран центар за евакуација за цивилите кои бегаат од борбите.

Местото, целосно опкружено со руски војници, е последниот џеб за засолниште на украинските војници и цивили, кои се засолнуваат во огромна мрежа од подземни засолништа и тунели, но снемува залихи храна и вода.

Разговорите поддржани од ОН се одржуваат во последниве денови по неколку неуспешни обиди да се создадат безбедни коридори, при што Украина ја обвини Русија за континуираното гранатирање.

Градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко, за „Би-Би-Си“ изјави дека околу 1.000 цивили останале во фабриката за челик, а 600 од нив биле повредени. Украинските власти не кажаа колку борци има таму.

Претседателот Зеленски рече дека Украина прави се што може за да организира понатамошна евакуација на цивилите од „Азовстал“.

Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, вчера ненајавено дојде во Киев и на средбата со Зеленски им се заблагодари на Украинците за нивната „борба за слобода“. Пелоси е највисокиот државен претставник на САД што дојде во Киев досега.

Руските трупи кои го контролираат градот Керсон соопштија дека од денеска таму ќе се користи рубљата.

Во своето ноќно обраќање, Зеленски рече дека Русија собира дополнителни сили за нови напади на истокот.
Во Одеса, јужниот стратешки пристанишен град, доцна синоќа аеродромот беше погоден од ракетен напад во кој е уништена пистата.

 

Поврзани новости