Од Апелација негираат дека им биле потребни 6 часа за да го пратат решението за притвор до МВР

by fokus

„Не се точни шпекулациите во јавноста дека на Апелациониот суд во Скопје му беа потребни шест часа за да реагира и да  го препрати до МВР решението на Врховниот суд  за притворот на Горан Грујовски и Никола Бошковски“, изјави портпаролот на Апелациониот суд во Скопје, судијата Сафет Кадрии, за порталот Судство.

Судијата појаснува дека од објавување на одлуката на Врховниот суд во 14 часот, целиот Совет останал да  ги дочека одлуките, па  кога им било јавено дека се готови, нивниот судски доставувач ги подигнал во 20 часот и 5 минути.

„Пет минути подоцна, поточно во 20 часот и 10 минути тие се заведени во судската архива на второстепениот суд, а веќе во 20 часот и 45 минути, решението на Апелациониот суд како и наредбата за приведување  на двајцата обвинети за кои е потврдена мерката притвор  заедно со  распишаната потерница, се испратени до МВР на натамошно постапување“, вели Кадрии.

Сафет Кадрии е член на тричлениот Кривичен совет кој одлучуваше по предметите „Таргет“ и „Тврдина“.

Поврзани новости