Иако се уште не се изминатите ниту 100 година откако собранието ја изгласа актуелната влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски, веќе се јавија првите искри за повеќе прашања меѓу коалициските партнери – ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ. Имено, тензии се родија во однос на повеќе теми, но најмногу во врска со употребата албанското знаме во владата, ревидирањето на балансерот и предлог-законот за посебни права на припадниците на безбедносните служби.
Ако првично конфликтот беше сведен на релација ВЛЕН-ЗНАМ, последно ВЛЕН имаше изолиран инцидент и со ВМРО-ДПМНЕ, која дотогаш обично ја смируваше ситуацијата и ги релативизираше разликите. И покрај тешките зборови што си ги упатија дел од владините партнери и функционери, сепак, од Илинденска уверуваат дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека во рамки на владата има кохезија.
АЛБАНСКО ЗНАМЕ
Првиот, условно кажано, судир во владејачката коалиција се случи меѓу коалицијата ВЛЕН, составена од повеќе албански партии – БЕСА, ДД, Алтернатива и едно крило на АА, од една страна, и ЗНАМ на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, од друга страна. На почетокот на јули, Димитриевски се закани со излегување од Владата доколку повторно министрите од ВЛЕН истакнат албанско знаме во владините простории.
–Ќе реагирам исто како што реагирав и кога новиот претседател на собранието направи нешто слично. Ова е само тој „ДУИ-наратив“, кој што продолжува во континуитет. Ако продолжи таквиот однос и непочитување… Првично ние не го фативме тој момент од самиот старт, но првпат јавно кажувам дека доколку таквото однесување продолжи, нема да бидеме дел од владата. Ќе излеземе – рече Димитриевски на Канал 5.
Всушност, тој ја коментираше координацијата на министрите од редовите на ВЛЕН во кабинетот на првиот вицепремиер Изет Меџити, каде беше поставено и албанското знаме покрај македонското и европското. Запрашан за односите во владината коалицијата, Меџити се изрази позитивно за ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека се издвоени милијарда евра за општините за решавање на конкретни проблеми на граѓаните. Што се однесува до ЗНАМ, пак, тој рече дека малку се „некомотни“.
–Мислам дека и левичари и националисти, мислам дека нешто не штима тука. Треба да ги преиспитаат нивните политики за нивното добро, бидејќи обично левичарските партии се малку покосмополити, пограѓански ориентирани. Ретко може да се најде и во Европа и во регионот и левичар и националист – рече Меџити на Сител, додавајќи дека имал разговори со Димитриевски во врска со албанското знаме, но, како што рече, и самиот кумановски градоначалник го имал ова знаме во канцеларијата.
БАЛАНСЕР
Препукувањата на линија ВЛЕН-ЗНАМ продолжија, па дури се интензивираа на темата балансер. Министерот за јавна администрација Горан Минчев, кој е кадар на ЗНАМ, кон крајот на јули соопшти дека правичната застапеност во институциите се пресметува водејќи се од процентот на резидентното население во државата од пописот од 2021 година, а не, како досега, според процентот на етничка припадност на вкупно попишаното население.
Тоа спречи 115 институции да добијат „зелено светло “ за вработување во јавната админстрација. Поточно, одобрени биле само 5 од вкупно 120 годишни планови за вработување, додека на останатите 115 институции им било наложено да ги доработат плановите согласно новата пресметка во балансерот. Како што рече Минчев, новото Министерство за јавна администрација е еден од примерите за досегашната злоупотреба на балансерот.
–Досегашните анализи покажуваат дека од 100-процентната вработеност, околу 18 до 19 проценти ја имаат злоупотребено можноста за искажување етничка припадност односно злоупотреба на балансерот. Тие се во редовен работен однос, секако дека ќе останат на работа, меѓутоа нужно е да укажеме дека во минатото балансерот бил злоупотребуван – изјави тој.
По оваа прес конференција, се огласи ВЛЕН. Во нивната реакција беше наведено дека кадрите на ЗНАМ имаат погрешна проценка дека ќе го создаваат својот политички идентитет на антиалбанска доктрина. Од таму додадоа дека очекувале нивниот коалициски партнер да ги поништи огласите со кои Македонци се определувале како етнички Албанци за да се вработат во јавната администрација.
„Токму тоа е злоупотреба на балансерот кое неговото Министерство не смее да ги премолчува. Истовремено, порационално е Димитриевски и Минчев да направат список на државни институции во кои се уште нема пристап за Албанците. Намалувањето на процентите на Албанците е предизборен фолклор и аргумент плус зошто е неопходно да се укине балансерот и да се донесе Закон за правична застапеност“, стои во реакцијата на ВЛЕН.
Цела вербална пресметка по повод балансерот не застана тука, бидејќи со контрареакција се јави и ЗНАМ, од каде истакнаа дека ВЛЕН треба „детално да ги проучи постоечките и важечките закони“. Притоа, од таму порачаа дека ВЛЕН треба да разбере дека завршило времето кога можеше да се демонстрира моќ од позиција на власт преку кршење на законите во Македонија, како што правела ДУИ на Али Ахмети.
ЗАКОН ЗА БРАНИТЕЛИ
За време на овие кавги меѓу ВЛЕН и ЗНАМ, најголемиот владејачки партнер ВМРО-ДПМНЕ се држеше настрана, а партискиот лидер и премиер Мицкоски тврдеше дека владата е стабилна и дека нема никакви разлики за стратешките прашања. Дури, тој вакви смирувачки пораки праќаше кога ВЛЕН неодамна ја актуелираше во јавноста програмската заложба за формирање на албанска академија на науките и уметностите.
–Ние не мора да се согласуваме за сите работи. Прашањето е да се согласуваме за мнозинството работи. Сите ние сме посебни индивидуи, посебни политички партии и логично е за одредени теми да имаме различни ставови, но во еден внатрешен дијалог, во еден процес на внатрешна дебата тие недоразбирања треба да се надминуваат доколку има простор за надминување – рече Мицкоски.
Но, во меѓувреме дојде Законот за бранители, предложен од пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска. Откако СДСМ цели 7 години на власт не успеа да донесе ваков закон, Петровска одлучи да го предложи по преселбата во опозиција. И, очигледно успеа во намерата да ги искомплира односите во владината коалиција, од причина што овој потег предизвика остри тонови не само меѓу ВЛЕН и ЗНАМ, туку меѓу ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ.
–Поради руското влијание, ако влезат во такви авантури, ние ќе го решиме проблемот навремено. Тогаш за ВЛЕН нема место во владата – рече пратеникот од ВЛЕН Халил Снопче, кој практично се закани со излегување од владата доколку овој закон биде донесен. Иако дотогаш Мицкоски се обидуваше да делува смирувачки во однос на разликите на Илинденска, сепак, на прашање за коментар на изјава на Снопје тој одговори: „Нека му е со среќа“.
Инаку, кон ваквата разврска претходеше изјава на вицепремиерот Меџити, кој рече дека законот за бранителите „ќе остане заглавен“. Со оглед дека ова беше кажано во контекст дека ваков договор бил направен со Мицкоски, реагираше премиерот дека бранителите ја имале и ќе ја имаат неговата недвосмислена поддршка. Паралелно со тоа, ВМРО-ДПМНЕ преку портпаролката Марија Митева побара СДСМ да помогне во деблокирање на предлог-законот во комисијата која ја раководи кадар на ДУИ – Илире Даути.
И покрај тоа што овој закон го предизвика досега најголемиот проблем во рамки на владата, коалициските партнери веднаш се обидоа да ја смират состојбата. Во таа насока, министерот за здравство Арбен Таравари порача дека владата има долгорочна стратегија и дека односите се коректни, но, како што потенцираше, потребна е почеста консултација и синхронизација. Ако по утрото денот се познава, јавноста често ќе биде сведок на конфликти на Илинденска, но тешко може да се очекуваат промени во владејачката структура, барем до следните локални избори за една година.
Дали со локалните ќе има и предвремени парламентарни избори?
Влатко Стојановски