Само тројца од 33-ца осудени за „Диво Насеље“ останаа во судница, на јавната седница во Апелација, откако доброволно ја напуштија седницата, на која требаше да ги образложат жалбите за првостепената пресуда.
Јавната седница почна тензично откако дел од обвинетите станаа и со навредливи зборови кон судот побараа да ја напуштат седницата, бидејќи како што рекоа на албански јазик не го прифаќаат овој суд и бараат меѓународна истрага. Наспроти предупредувањата од претседателката на судечкиот совет судијката Цветанка Периќ присутните да се однесуваат со почит и да не го нарушуваат редот во судот зашто во спротивно ќе бидат отстранети, сите обвинети станаа и со едноминутно молчење им одадоа почит на сите загинати во акцијата.
Обвинетите пред почетокот кажаа дека нивните бранители немаат право денеска да зборуваат пред тие да се обратат пред судот.
-Не сакаме адвокатите да зборуваат во наше име, ние ќе зборуваме за себе. Не го признаваме овој суд и бараме меѓународна истрага, порачаа на албански јазик дел од обвинетите.
Судот на почетокот од седницата констатираше дека пред заминувањето еден од обвинетите на судот му доставил поднесок на албански јазик што претходно и се обиде да го прочита, но не му беше дозволено.
Според пресудата на Основниот суд Скопје 1 од 2 ноември 2017 година за терористичкиот напад на 9 и 10 мај 2015 година осудени беа 33 лица. Во крвавата престрелка во кумановско Диво Насеље животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили, десет членови на вооружената група, а 30 лица беа ранети.
Седуммина од обвинетите добија доживотен затвор, 13 беа осудени на по 40 години, шестмина на 20 година, еден на 18, двајца добија по 14, други двајца по 13, а уште двајца беа осудени на по 12 години. Четворица добија ослободителни пресуди. Обвинителството тогаш бараше доживотен затвор за сите.
По жалбите на 33-та осудени денеска и утре ќе заседава второстепениот суд. МИА