Минатата седмица од македонскиот пазар беше повлечен јогуртот „Баланс+“поради неусогласена концентрација на афлатоксини со македонските прописи, со што производот е потенцијален ризик по здравјето на луѓето.
Тој производ е еден од последните во низата кои години наназад се повлекуваат од маркетите од Македонија.
„Фокус“ направи кратка статистичка анализа во однос на тоа колку производи се повлечени од земјава во периодот од јануари 2019 до октомври 2022 година.
Од почетокот на годинава досега, евидентирани се 20 отповикувања/повлекувања на небезбедни производи од пазарот (небезбедни серии виршли, додатоци во исхрана, сокчиња за деца, суви смокви, адитиви за во пекарска индустрија, чоколада и чоколадни производи, сладоледи, ѓумбир во прав, додаток во исхрана сируп за деца, минерална вода со додатоци, сладоледи, бази за производство на сладолед, путер и други).
„Дванаесет од добиените 20 нотификации преку EU RASSFсистемот годинава се однесувале на храна од неживотинско потекло, седум на храна од животинско потекло и еден на материјали кои доаѓаат во контакт со храна. Станува збор за нотификации кои се однесуваат на небезбедни овошје и зеленчук, додатоци во исхраната, чоколади, детска храна, кондиторски производи, и други кои се увезле или се извезени од земјава“, не информираа од АХВ.
Минатата година, примени се 21 нотификации за небезбедна храна. Од нив 15 од неживотинско, четири од животинско, една нотификација за материјали кои доаѓаат во контакт со храна и една нотификација за храна за животни. Седумнаесет од нотификациите се однесувале на увезени пратки, а четири за извезени од земјава (небезбедно пилешко месо, јаболка, зелка, бисквити, мафини, ајвар, кикирики, адитиви, додатоци на исхрана, адитиви за храна за животни, небезбедни силиконски чаши и сл).
Во 2020 година примени се вкупно 18 нотификации. Шест од нотификациите се однесуваат за небезбедна храна која била извезена, а 12 се за увезена храна. Пет од нотификациите се однесуваат на храна од животинско потекло, 12 за храна од неживотинско потекло и едно известување во 2020 било за небезбеден производ кој доаѓа во контакт со храната (живинско месо и производи од живинско месо, производи од категоријата јаткасти плодови, овошје и зеленчук, супи, чорби, сосови и зачини, готвени јадења и закуски, прехранбени адитиви и ароми, диететска храна, збогатена храна и додатоци во исхрана, како и материјали кои што доаѓаат во контакт со храната).
Во 2019 година примени се вкупно девет нотификации, од кои две се однесуваат за извезена небезбедна храна, а седум за увезена. Две од нотификациите се однесуваат на храна од животинско потекло, а пет за храна од неживотинско потекло, две известување за небезбеден производ кој што доаѓа во контакт со храната (нотификациите се однесувале на живинско месо и производи од живинско месо, кондиторски производи, овошје и зеленчук, диететска храна, додатоци во храна и збогатена храна, материјали кои доаѓаат во контакт со храната, храна за домашни миленици).
„Од почетокот на годинава досега спроведени се над 35 илјади инспекциски контроли во прометот, а како небезбедни уништени се околу 83 тони храна“, додаваат од АХВ.
Од Агенцијата додаваат дека постојано се извршуваат контроли во маркетите и постојано се уништува небезбедната храна.
Минатата година од страна на Секторот за инспекциски надзор во внатрешниот промет биле спроведени вкупно 49 590 инспекциски надзори (редовни, контролни). Поништена е небезбедна храна: 1472,5 литри, 50 701 килограми храна од неживотинско потекло и 208 242 килограми храна од животинско потекло.
Во 2020 година, во прометот спроведени биле вкупно 54 382 инспекциски надзори. Поништена е небезбедна храна од неживотинско потекло во количина од 1190 килограми и 236 646 килограми небезбедна храна од животинско потекло.
Во 2019 година спроведени биле 117 424 инспекциски надзори. Поништена небезбедна храна од неживотинско потекло била во количина од 11 589 килограми и 330 475 килограми небезбедна храна од животинско потекло.
Од почетокот на годинава досега официјалните ветеринари и инспекторите за храна на граничните премини спровеле над 43 илјади контроли. На граничните премини во 2021 година спроведени се вкупно 57 978 контроли, во 2020 – 65 353, а во 2019 година спроведени се вкупно 21 189 контроли.
„Во случај на позитивни резултати од лабораториските анализи, пратката се враќа во земјата на потекло или нештетно се уништува во присуство на инспектор. За секоја пратка за која е добиен неусогласен резултат согласно прописите, инспекциските служби вршат лабораториски анализи на десетте последователни од истиот производител“, велат од АХВ.
Фото – илустрација
Јорданчо Цветаноски