Скопје, 30 декември 2021 (МИА) – Поради влошената епидемиолошка состојба во Црна Гора, од Министерството за надворешни работи информираат дека црногорските власти ги заострија мерките за спречување на ширењето на корона вирусот, кои ќе важат од 2 до 12 јануари 2022 година.
– Според оваа одлука, секој кој влегува во Црна Гора, независно од тоа дали е црногорски или странски државјанин, мора да ги исполнува следните услови: Лицето да е вакцинирано со пропишаниот број вакцини против корона вирусот, а од втората доза на вакцина да не се поминати повеќе од 6 месеци и едновремено со потврдата мора да поседува и негативен ПЦР тест кој не е постар од 72 часа или негативен брз антигенски тест кој не е постар од 48 часа; или Доказ дека лицето преболело Ковид-19 (да не е поминато помалку од 10 дена и не повеќе од 180 дена од позитивниот ПЦР или брзиот антигенски тест) и едновремено со доказот мора да поседува и негативен ПЦР тест кој не е постар од 72 часа или негативен брз антигенски тест кој не е постар од 48 часа, соопштуваат од МНР.
Како што посочуваат, деца под 18 години, се изземаат од мерките и за нив не се потребни ниту потврди за вакцинација или за прележана болест (ковид), ниту тестови.
– Државјаните на Црна Гора и странците со регулиран престој можат да влезат во земјата без овие докази, но со определување самоизолација во траење од 10 дена, која е можно да биде прекината најрано 3 дена по добивање негативен ПЦР тест, потенцираат од МНР.
Повеќе информации можат да се најдат на следниот линк.