Од 18 кандидати, Мила избрана за наш претставник на Евросонг за јуниори

by fokus

Мила Москов од Прилеп е нашата претставничка на Јуниорската Евровизија годинава. Таа ќе не претставува на манифестацијата која годинава ќе се одржи во Полска, во ноември. Носител на лиценцата за Јуниорски Евросонг 2019 е МРТ.

На шести јули во студиото М-3 на македонското радио се одржа аудицијата за избор на претставник на Јуниорската Евровизија 2019. Се пријавиле 19, а настапиле 18 кандидати кои отпеале по две песни по свој избор.

Комисијата која го избрала нашиот претставник била во следниот состав – Мери Попова, Маја Трпчановска и Розета Арсова. Според соопштението на МРТ, Мила покажала дека има голем талент и одлични гласовни способности, по што едногласно била избрана.

Познато е дека нејзин професор по соло пеење е Денис Димоски, кој и самиот учествуваше на Јуниорската Евровизија во 2005 година со песната „Роденденски бакнеж” и го освои осмото место. Се уште нема информација со која песна ќе настапи Москов. На манифестацијата можат да учествуваат деца на возраст од девет до 14 години.

Во правилникот на МРТ е наведено дека децата артисти нема да носат облека која е наменета за возрасни, или со која се копираат интернационалните ѕвезди на популарната музика која го негува еротскиот стил. Истото се однесувало и за шминката. Исто така, МРТ обезбедува хотелско сместување, како и патни и дневни трошоци за сите учесници на сцената – претставници на Јуниорскиот Евросонг.

Го задржува правото да изврши избор на придружни вокали и танчери, и ги покрива трошоците за аранжман, ремастеринг и доработка на песната. Седумнаесеттото издание на настанот ќе се случува во арената Гливице на 24-ти ноември, а повеќе земји го потврдиле своето учество.

Вики Клинчарова

Поврзани новости