Текстот е објавен на 29.09.2021 година во неделникот „Фокус“, во број 1356.
Кога се формираше СЈО, една од главните цели беше да се водат финансиски истраги, кои ќе го покажат патот до украдените народни пари, за да можат да се вратат назад, во државното чекмеџе.
Но, и по неколку години, бројчаникот на Триумфалната порта никако да се вклучи. Засега, од 17-милиони евра на бизнисменот Сеад Кочан, не се сврте ниту евро, а по сѐ изгледа, државата нема да се офајди ниту од Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ. Колку за утеха се свртеа „гаќите на Ивона“, како и „окото на Тодоровиќ“
Пишува:Валентина ВУРМО
Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, уште во времето кога наместо зад решетки седеше на шефовската фотелја во СЈО, изјави дека во периодот од 2008 до 2015 година, огромни суми пари од државниот Буџет се одлеале во приватни џебови. Токму затоа ветуваше дека истрагите на СЈО ќе се фокусираат на финансискиот криминал.
Оттогаш поминаа пет години, а ниту еден од поранешните функционери, кон кои беше вперен прстот дека краделе, не врати ниту еден денар во државното чекмеџе.
Во истиот период, 2016 година, и тогашниот опозиционер Зоран Заев ветуваше дека на триумфалната порта „Македонија“ ќе постави бројчаник, кој ќе регистрира колку од украдените пари ќе ѝ бидат вратени на државата.
„СДСМ кога ќе дојде на власт, ќе постави бројчаник на Триумфалната капија, кој ќе покажува колку пари се вратени во државата со цел да испрати порака до сите корумпирани политичари и функционери дека криминалот повеќе нема да се толерира“, ветуваше Заев.
По ова СДСМ дојде на власт, па потоа дојде уште еднаш, но ветувањето остана неисполнето. Ниту бројчаникот почна да врти, ниту, пак, се испрати пораката до функционерите дека државниот буџет не е „имотот на дедо им“, па со него да прават што ќе посакаат!
ДРЖАВАТА ЌЕ ОСТАНЕ СО ПРСТОТ ВО УСТА СО КОЧАН
Бројчаникот, иако досега требаше, не ги сврти ниту 17 милиони евра на бизнисменот Сеад Кочан. Тој во 2019 година беше правосилно осуден на затворска казна од 4 години и 8 месеци, за случајот „Труст“, а покрај тоа што ја изгуби слободата требаше да остане и без милионите. Но, по две години, побрзо се очекува Кочан да излезе од затвор, отколку парите да легнат на државната сметка.
Имено, уште во текот на истрагата на Кочан му беше замрзнат имотот, но тој сѐ уште не е продаден за да се исплати штетата од 17 милиони евра. Поточно, на Кочан му беше замрзнат движен и недвижен имот, но Агенцијата за управување со одземен имот не можеше да го продаде, бидејќи речиси сѐ е ставено под залог и хипотека.
Од Агенцијата појаснуваат дека веднаш по пресудата било донесено решение за пренос на сопственоста на 26 недвижнини, распоредени на 19 имотни листови и 204 возила и машини, но наишле на пречка.
-Изречена мерката конфискација на имот е неспроведлива од причини што целокупниот имот (што значи и недвижен и движен имот), за кој е изречена мерката е под хипотека и залог, каде што како доверител се јавуваат неколку банки, велат од Агенцијата.
Ова значи дека државата нема да се офајди од имотот на Кочан, бидејќи први во редот за исплата се исправени банките.
Кочан беше осуден бидејќи како управител на „Трансмет“ со лажни документи учествувал и добил тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ на АД ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра.
Тој веќе одлежа една половина од казната, поради што и побара помилување од претседателот Стево Пендаровски. Дури и да не добие помилување, бизнисменот за една година би излегол на слобода, по издржани две третини од казната. И во таков случај бројчаникот сѐ уште би стоел на 0.
Но, премиерот Заев, пак, не се откажува. Тој неодамна изјави дека чекаат да се инкасираат 17-те милиони на Кочан.
–Еден дел од средствата гледаме во поскоро време да бидат директно инкасирани, додека за еден дел ќе треба постапки да се водат, бидејќи се ставени под хипотеки на самите банки, и секако правните постапки ќе доведат што попрво се наплатува, долгот кон државата или кон банките, истакна Заев.
БАНКА ЌЕ ЈА „ЛАПНЕ“ И БЕЛАТА ПАЛАТА
Иако премиерот не губи надеж, сепак, обвинителите со кои разговаравме немаат дилема, дека според постоечките законски решенија, во ваков случај први за исплата се банките, односно субјектот кој прв го оптоварил имотот.
Иста би била и судбината со палатата на ВМРО-ДПМНЕ.
Односно, за време на истрагата за случајот „Талир 2“, беше замрзната Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ. Во ова обвинение се разглобува начинот на кој партијата дошла до имот вреден 8,2 милиони евра, во кои спаѓаат партиското седиште и уште два милиона евра кои градежната компанија „Бетон“, во сопственост на бизнисменот Минчо Јорданов, ги исплатила на партијата додека го градела објектот.
Обвинителството тврди дека „Бетон“ не смеел да влезе во партнерство со партијата за изградба на објектот, бидејќи во 2011 и 2012 година, кога почна да се гради седиштето, компанијата дури 75 отсто од приходите ги остварила од државни тендери, што значи дека според законот не смеела да биде донатор на политичка партија.
Компанијата го изградила седиштето на партијата кое имало инвестициска вредност од 6,9 милиони евра, а згора на сѐ, на сметка на партијата уплатила и 2,1 милиони евра. Вложувањето на партијата, пак, чие што било земјиштето, било само 815.323 евра, што според СЈО значи дека партијата незаконски се стекнала со имотна корист од 8,2 милиони евра.
Доколку за овој случај обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски бидат осудени, покрај казната затвор што ќе треба да ја одлежат, најголемата цена, сметано во пари, ќе треба да ја плати партијата, бидејќи Белата палата треба да биде конфискувана и да заврши во рацете на државата.
Но, и оваа логично сценарио тешко би се реализирало, бидејќи непосредно пред судот да го замрзне имотот, ВМРО-ДПМНЕ го стави седиштето под хипотека, за земен кредит од три милиони евра.
Или во пракса, доколку ВМРО-ДПМНЕ го изгуби случајот, по што ќе треба да следува конфискација, тогаш намерно ќе запрат да го подмируваат долгот за кредитот, поради што и банката ќе ја активира хипотеката.
Бидејќи објектот има поголема вредност, ќе остане нешто и за државата, но, сепак, наместо целиот колач, би ги изела само трошките!
Токму затоа обвинителите се едногласни дека се потребни законски измени со кои државата во вакви случаи би била прва во редот за обештетување.
И додека допрва ќе се решава кому ќе му припадне овој барокен објект, бизнисменот Јорданов одлучил да го даде на продажба деловно-хотелскиот комплекс што почна да го гради до партиското седиште. Иако објектот сѐ уште стои во фаза на карабина, тој веќе е огласен за продажба.
Имено, скопски „Бетон“ за следниот месец закажа вонредно Собрание на акционери, на чиј дневен ред, според известувањето доставено до Македонска берза, се предлага продажба на недоградениот хотел во Скопје и уште два други.
МОСТОТ „ОКО“ И „ГАЌИТЕ НА ИВОНА“
Државата досега не се офајди ниту по правосилната пресуда за случајот на СЈО „Триста“. Во овој предмет, за набавка на службени возила на МВР, на правосилна затворска казна од 5 години беше осуден поранешниот помошник министер Ѓоко Поповски.
Обвинителството и судот пресметаа дека била предизвикана штета од 450.000 евра, поради што на Поповски му беше замрзнат личен имот од околу 150.000 евра. Но, и по една година од правосилната пресуда, примерок сѐ уште не е доставен до Агенцијата за управување со одземен имот, од каде што не информираа дека токму поради тоа и не е започната постапка за конфискација.
Па наместо милиони, виртуелниот бројчаник, засега регистрира само стотина илјади евра.
Прв во џебот си брцна бизнисменот и поранешен градоначалник на центар, Владимир Тодоровиќ, кој врати 443.000 евра, откако Управата за финансиска полиција му поднесе кривична пријава за криминал при изградбата на пешачкиот мост „Око“, дел од проектот „Скопје 2014“.
Бројчаникот, освен Тодоровиќ, го сврте и новинарката Ивона Талевска, која како обвинета од СЈО во случајот „Тифани“ беше осудена на две години условна казна. Таа на државата ѝ врати над 27.000 евра за затаен данок за шест години и околу 2.000 евра за судски трошоци.
Според пресудата за „Тифани“, која беше донесена по признание на вина на Талевска, таа кривичното дело го извршила од 2008 до 2014 година, при што како управителка на друштвото за консалтинг „Смарт ДООЕЛ“ и на „Смарт груп ДООЕЛ Скопје“ одбегнала да плати даноци, а во завршните сметки давала лажни податоци.
Па, така новинарката, која во една од „бомбите“ велеше дека со 1.500 евра месечен приход ќе живеела како „мечка во пештера“ и ќе ќутела, мораше да ја отвори скромната пештера и да ѝ ги врати парите на државата.
Бројките вртоглаво требаше да ги свртат и идеотворците и реализаторите на мегаломанскиот проект „Скопје 2014“, а за кој беа потрошени над 680 милиони евра, но такво нешто не може да се очекува ниту во блиска иднина.
Неколкуте предистраги за овој случај со години заглавија во СЈО, а потоа и во редовното обвинителство.
ЌЕ ОСТАНЕ ЛИ ГРУЕВСКИ БЕЗ ИМОТОТ НА ВОДНО?
Она што би можело да го раздвижи вкочанетиот бројчаник е предметот „Плацевите на Водно“. Во случај на правосилна пресуда, државата веднаш би му ги одзела плацевите на Водно на екс премиерот Груевски, вредни 1,2 милиони евра, како и двата стана на Бихаќка.
Во таков случај, Груевски би можел само тајно да тагува, бидејќи на хартија овој имот е запишан на други сопственици. Тој, пред самото бегство во Унгарија, успеа да извлече 120.000 евра од неговите сметки, без да го вклучи алармот на тогашното СЈО дека можеби се спрема за бегство.
Конфискацијата во Македонија е воведена во 2004 година, но според анализа на Коалицијата „Сите за правично судење“, првите пресуди се од 2008 година.
Нивната статистика, пак, покажала поразителни податоци, бидејќи од 2010 до 2019 година, од мониторирани 2.496 кривични предмети, од кои 670 предмети се воделе пред Одделението за гонење организиран криминал и корупција во Основниот Суд Скопје 1 (сега Кривичен суд Скопје), забележано е изрекување на мерката конфискација на имот во само 36 случаи, додека ниту еднаш не е изречена мерката проширена конфискација.
Токму затоа и обвинителите алармираат дека без конфискација извршителите на кривичните дела се мотивираат, односно влегуваат со пресметан ризик, испраќајќи порака дека криминалот се исплаќа.
–Најважно од се им е испраните пари да им останат нечепнати, а да одлежат 4-5 години им е пресметан ризик, бидејќи милионите кои ќе ги заработат на овој начин, не можат да ги обезбедат за два живота. Затоа без конфискација не може да се влијае на генералната превенција, туку се мотивира повторување на делото, вели нашата соговорничка обвинител.
Академик Владо Камбовски, на едно од предавањата за конфискација, истакна дека со одземањето на имотот и криминално стекнатиот имот, клучно е што криминалот се обесхрабрува, се губи мотивот, се одвраќаат потенцијалните сторители, се разбиваат криминалните организации, но и се подобрува статусот на жртвата.
–Додека читам некои пресуди, се чудам. Си велам, дали судијата воопшто знае за оваа мерка? Но, да го прашате судијата зошто пресудата е таква, зошто нема конфискација, веројатно ќе ви рече, па не предложи обвинителството, од обвинителството пак ќе посочат кон МВР и сè така во еден синџир од одговори…, истакна Камбовски.
Во оваа насока сведочи и една анегдота, создадена во моментот кога бил апсен еден од осомничените од страна на згаснатото СЈО. Тој пуштал абер дека ќе одлежи во затвор колку и да треба, само да не му ги чепкаат милионите. Така и излегува. Валканите милиони, испрани, како нови, ги чекаат на сметка на некоја офшор компанија. Таман по излегување од затвор да продолжат таму каде што застанале.
ЗАМРЗНАТ И ИМОТОТ НА РАШКОВСКИ
Од неодамна, на барање на Обвинителство судот му го замрзна и имотот на поранешниот генерален секретар на Владата на СДСМ, Драги Рашковски. Тој е еден од осомничените во истрага за злоупотреба на службената положба при јавни набавки. Судот забрани Рашковски да располага со парите кои се наоѓаат на неговата сметка, како и замрзнување на имотот што е на име на неговите две малолетни деца.
–Во предметот како оштетена се јавува државата со оштетено побарување во вкупен износ од 17.642.237 денари, информираат од Обвинителството.
ЗАМРЗНАТИОТ ИМОТ КОЈ СЕ УШТЕ НЕ КАПНАЛ ВО ДРЖАВНИОТ БУЏЕТ
Од Обвинителството одговорија на прашањето на „Фокус“, во кои предмети покренати од СЈО е побарана конфискација на имот?
-„Труст“ (Со правосилна пресуда од 20.07.2018 година во предметот Труст се конфискува имотната корист прибавена со извршување на кривичното дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство во износ од 1.060.000.000 денари (околу 17.200.000 евра).
-„Триста“ (Со пресуда од 22.10.2019 година на Основниот кривичен суд Скопје во предметот Триста обвинетиот кој е огласен за виновен покрај изречената казна затвор во траење од девет година, е задолжен да надомести штетата на оштетеното Министерство за внатрешни работи во износ од 27.894.522 денари. На обвинетиот му е забрането да го отуѓува и оптоварува подвижниот и недвижниот имот во негова сопственост проценет на 10.123.990 денари).
-„Талир 1„ и „Талир 2“ (Обезбеден е недвижен имот во вкупна вредност од 424.733.242 денари).
-„Трезор“ (Замрзнати средства на правното лице ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје и тоа на денарската банкарска сметка на износ од 838.106 денари и на девизната банкарска сметка за износ од 145.619 евра).
-„Друмарина“ (Определена е забрана за отуѓување и ставање под хипотека на недвижен имот во вкупна вредност од 5.977.800 денари).
-„Империја“ (Замрзнати средства на правни лица во вредност од 4.500.000 евра и недвижности од 4.500.000 евра).
-„Поштенска банка“ (Замрзнат имот во вредност од 1.099.500 евра и во вредност од 3.210.000 евра).
-„Актор“ (Замрзнати средства од 46.405.813,00 денари на правно лице, како и привремена мерка – забрана за отуѓување на движен имот во вредност од 6.545.000,00 денари. Забрана за продажба на возила вредни 1.724.569 денари и 3.121.895 денари).
-„Плацевите на Водно“, (Освен предметните 11.000 м2, определена е и привремена мерка забрана за отуѓување и располагање со ставање под хипотека на два стана и земјиште од 3.000 м2 на Водно).