Од 15 јуни Грција ја отвора границата со Северна Македонија

by Fokus

Северна Македонија е меѓу 29-те држави од Европа и светот, за кои од 15 јуни ќе биде дозволено патување во Грција, според листата од Министерството за туризам на Грција, јави МИА од Атина.

Како што е претходно соопштено, за влез во Грција нема да биде потребен тест, туку ќе се прават анализи по случаен избор.

На листата од Министерството за туризам на Грција се следните земји: Албанија, Австралија, Австрија, Северна Македонија, Бугарија, Германија, Данска, Швајцарија, Естонија, Јапонија, Израел, Кина, Хрватска, Кипар, Латвија, Либан, Литванија, Малта, Црна Гора, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Унгарија, Романија, Србија, Словачка, Словенија, Чешка и Финска.

Од Министерството за туризам на Грција соопштуваат дека конкретната листа била направена врз основа на анализа на епидемиолошкиот профил на земјите од каде потекнуваат туристите, земени се предвид вчерашните соопштенија од Европската агенција за безбедност во воздухопловството (ЕАСА), како и соодветната препорака од Комисијата за заразни болести од грчкото Министерство за здравство.

За земјите што не се вклучени во листата, остануваат во сила актуелните правила, додека пак пред втората фаза на отворањето на грчкиот туризам на 1 јули, ќе биде објавена нова листа.

Поврзани новости