Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) ја информира јавноста дека универзалниот снабдувач ЕВН Хоме соодветно го применил тарифниот систем при изготвување на одлука за нови цени, распоредувајќи ги трошоците по блокови на начин што цената на електрична енергија за 88% од домаќинствата кои се во прв и втор блок се зголемува за 0,4%.
„За 88% од домаќинствата кои се во прв и втор блок цената на електричната енергија има корекција од 0,4%. За оние потрошувачи кои се во трет блок, а тоа се околу осум проценти од домаќинствата цената се зголемува за 0.48% и за четврт блок цената е зголемена за 0,57%. Клучно е сега универзалниот снабдувач да ја следи дадената регулаторна насока за оптимизирање на набавката на останатите 15% за количини на електрична енергија што ЕСМ не ги понуди, и сега треба да се набават на слободен пазар.
Треба да се бараат креативни решенија кои ќе бидат во интерес на граѓаните и да се размислува кон откуп на струја од домашните капацитети од обновливи извори. Неопходно е да има конкуренција и да се искористи моментумот кога цената на струја на берзите е поволна.” изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ Новата цена на електрична енергија е на сила од 1 јули 2024 година.
Со овие пресметки, Бислимоски смета дека не се предизвикани ценовни шокови.
Орце Костов