Сметам дека од 1 јануари би требало да очекуваме уште поголемо намалување на малопродажбите цени на основните прехранбени производи, но и на другите производи, затоа што голем дел од товарот што тие навистина можеби го гледаа им го тргаме и Владата им излегува во пресрет, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, на попладневното продолжение на седницата за пратенички прашања.
Битиќи ја поздрави и оквалификува како разумна одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за цените на електричната енергија од 1 јануари 2023, што беа објавени вчера.
Со одлуката, потсети тој, вкупната цена на електрична енергија за малите потрошувачи на регулираниот пазар се намалува за 20,15 проценти и нема зголемување, туку намалување на цената на електрична енергија и таа ќе се применува за 70.000 компании во државата, што значи 98 проценти од вкупниот број.
– Иако овие компании и во овој временски период плаќаа значително пониска цена од пазарната цена на електрична енергија сметавме дека на сите нив треба во наредниот временски период да им осигураме предвидливост и услови и тоа како да помогнат не само на нивното работење, туку севкупно на квалитетот и на животниот стандард на граѓаните. Оваа е конкретна мерка која ќе значи намалување на вкупните нивни трошоци. Во ова влегуваат сите микро, мали и средни претпријатија, односно фризерници, берберници,кафулиња, компании коишто во овој временски период и тоа како кажуваа дека зголемените трошоци за електрична енергија значат навистина тешко работење, рече Битиќи.