Од 1 јануари 2025 година секое физичко и правно лице, преку електронска пошта (e-mail) може да поднесува иницијативи, барања и предлози до Уставниот суд.
Како што информираат денеска од Судот, електронското поднесување на поднесоци е овозможено преку интернет страницата на Уставниот суд, односно преку категоријата „Обраќање до Судот”, каде во поткатегоријата „Eлектронско поднесување на поднесоци” се наведени насоки за начинот на електронското поднесување.
Поднесувањето на електронските поднесоци е предвидено со Правилникот за електронско поднесување на поднесоци до Уставниот суд на Република Северна Македонија и истиот е објавен на интернет страницата на Судот.
Ова, како што нагласуваат од Уставниот суд, ја олеснува постапката за поднесување иницијативи за оценување на уставноста на одредени правни акти, со оглед на тоа што граѓаните не мора лично да доаѓаат и иницијативите да ги доставуваат во архивата на Судот. Ова, потенцираат од Судот, овозможува правдата да биде подостапна за сите граѓани без оглед на нивното место на живеење.