Во Германија од 1. февруари ќе се воведе експериментална четиридневна работна недела за 45 компании, во период од шест месеци.
Во тој период ќе се мери продуктивноста на работниците, а вработените ќе ги добиваат претходните плати без оглед на намаленото работно време, објави Блумберг.
Како што е наведено, целта на експериментот е да се провери дали се точни тврдењата на синдикатот дека луѓето кои работат помалку не само што се посреќни и поздрави, туку и попродуктивни на своите работни места.
Блумберг наведува дека, според прогнозите, до 2034 година германскиот пазар на труд би можел да се намали за повеќе од седум милиони луѓе поради падот на наталитетот и стареењето на населението.
Покрај зголемената продуктивност, се очекува бизнисите да имаат корист од намалувањето на скапото отсуство од работа поради стрес, болест и исцрпеност.
Во 2022 година Германците пропуштале работа во просек по 21,3 дена, што резултирало со загуба од дури 207 милијарди евра, покажуваат податоците на Федералниот институт за здравје и безбедност при работа.
Поддржувачите на експериментот истакнуваат дека веста би можела да привлече нов персонал во Германија, земја која, според Евростат, веќе има најголем удел на хонорарно вработени во ЕУ.
Недостигот од квалификувани работници во Германија, заедно со високата инфлација, ги поттикна работниците во сите индустрии да бараат повисоки плати и намалено работно време.