Очевидец на нападот на пратеникот Зијадин Села што се случи во Собранието на 27 април во моментот сведочи во Кривичниот суд. Тој раскажа дека Села бил нападнат од десетина лица кои буквално го шутирале со нозе од глава до пети.
-Не видов кој точно го удираше зашто беше многу тесно, па гледав само нозе како го удираат. Села не даваше знаци дека е жив. Телото само му се поместуваше од ударите, а лицето му беше цело деформирано. Почнав да викам:„А бе отиде човекот, дајте да го изнесеме“ – рече сведокот Антонио К.
Инаку, тој во судница препозна четворица од обвинетите кои биле покрај Села, но, како што рече, не видел кој го удирал бидејки гледал само нозе.
За еден од обвинетите – Александар Јаневски – Тошта, тој посочи дека сакал да му помогне на Села, бидејки кога лежел на подот тој му застанал со нозете преку неговата глава, викајќи: „Немојте бе луге“!
-Мојата цел беше побрзо да го извадиме Села зашто ако добиеше уште два-три удари сигурно ќе беше мртов, иако и дотогаш веке мислев дека е мртов – рече сведокот.
Тој заедно со уште тројца од обвинетите го фатиле Села и го изнеле од прес-центарот. Тој заклучи дека имал впечаток оти вечерта некој требало да биде убиен. Додека го изнесувале, според него, тројцата молчеле, а зборувал само обвинетиот Кире Ѓоргиевски.
-Еве го шиптарот, нека види сега, зборуваше Кире додека го носевме Села. Затоа не ми делуваше како да сака да помогне, туку како да се фали што направил. За обвинетиот Александар Тошта, пак, имав друг впечаток. Дека сака да помогне – рече сведокот кој додаде дека луѓе го удирале и додека го изнесувале.
Сведокот додаде дека кога го оставиле Села на подот покрај лифтот, обвинетиот Кире со нога го удрил во главата.
-Кире цело време беше насилен, крвнички се однесуваше – рече тој.
В.В.