Голем број на битолчани денес протестираа против отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов ВМРО“. Со транспаренти против политиките на бугарската Влада кон македонското малцинство во Бугарија, но и транспаренти за актуелните политички случувања во преговорите, голем број на граѓани го дочекаа бугарскиот премиер Кирил Петков, потпретседателката Илиана Јотова, актуелната министерка за надворешни работи Теодора Генчовска и поранешната министерка Екатерина Захариева.
Веќе неколку дена наназад, откако беше најавено отворањето на клубот, не стивнуваат реакциите на јавноста, како и на неколку македонски здруженија, а Сојузот на борците од Битола упати и јавен протест, во кој е наведено дека смета како со името што се става на клубот, се врши рехабилитација на фашистичката идеологија и се промовира историски ревизионизам. Сепак, за целото време додека темата е доста актуелна во јавноста, д-р Тони Коњановски, градоначалникот на Општина Битола, каде ќе функционира бугарскиот клуб, ниту еднаш не се огласи јавно и не го искажа својот став по повод случувања. ,,Фокус” го контактираше телефонски, а во разговорот тој порача дека и самиот е изненаден зошто ниту од ниту еден медиум не побарале негово мислење на темата, бидејќи клубот сепак се отвора во општината чиј градоначалник е тој.
-Од ниту еден медиум досега не побараа мој став по повод отворањето на клубот, кој сепак се отвора во Општина Битола во време на мој мандат. Не знам ниту самиот зошто е тоа така. Сепак, решив да се огласам по повод темата и денес јавно ќе го објавам својот став на мојата официјална страница. Од таму можат да го преземат заинтересираните медиуми – ни изјави градоначалникот.
Кратко по разговорот, тој се огласи со свое видување на настанот.
-Битола е космополитски, конзулски град, во кој посебно се почитуваат културите, традициите и вредностите на сите народи и треба да биде вистински пример за негување на македонскиот идентитет и култура во сите други земји, каде што живеат Македонци. Добрососедските односи се градат само со меѓусебно почитување и признавање, но никако со индиректни провокации и оживување на едно мрачно минато на кое потсетува името на Бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“. Кога веќе централната власт и националното законодавство, дозволија во Општина Битола, да се регистрира и функционира ваков културен клуб, тогаш време е нашите источни соседи да овозможат вистински реципроцитет и да покажат почитување на правата на Македонците во Бугарија, можности за нивно културно изразување и негување на македонската култура и историја. Тогаш, кога ќе добиеме покана за присуство на отворање на Македонски културен клуб во Бугарија, дури тогаш ќе знаеме дека сме на вистинскиот пат кој значи взаемно почитување и искрено пријателство. После посетата на денешниот настан во Битола, очекувам, премиерот Кирил Петков, да биде првиот иницијатор кој во Бугарија ќе го покрене прашањето за промоција на македонската култура, еднаквост и поголеми права на македонците кои живеат таму- објави д-р Коњановски.
Вики Клинчарова