Националната пливачка федерација на Македонија, претставувана од претседателот Горан Стојановски реагира на дописот од страна на екс претседателот Александар Маленко кој, како што велат, се уште претставувајќи се како претседател на паралелна пливачка федерација испраќа дописи за организација на трибини за спас на олимписките спортови.
Маленко за утре испратил покана до националните спортски федерации како и до домашните спортски институции за одржување собир на кој ќе се разгледуваат состојбите во олимписките спортови.
Од Пливачката федерација се вчудоневидени, како што велат, од користењето на печат и потпис за федерација со лажно претставување.
Националната Пливачка федерација на Северна Македонија предводена од претседателот Горан Стојановски излезе со соопштение дека Александар Маленко достави покана до сите спортски федерации, МОК и до медиуми со која ги повикува на заедничка работна средба за ден 09.11.2023 година во хотел Панорамика Скопје, на наводна средба за „Соочување со моменталната ситуација во Олимписките спортови во Македонија и можни санкции од меѓународните спортски институции“.
– Лицето Александар Маленко во оваа покана лажно се преставува како претседател на Пливачка федерација на Македонија и ова не е првпат да се случува. Согласно Законот за спорт, во секој спорт е дозволено регистрирање на една федерација. Во спортот пливање една и едниствена федерација во РС Македонија која е регистрирана во Централен регистар на РСМ и која има решение за вршење на дејност спорт издадено од Агенција за млади и спорт е Национална Пливачка Федерација на Северна Македонија, седиште Градски Парк бб, Сала КК Работнички Скопје, ЕМБС5134846 и ЕДБ4030996160921, чиј претседател е Горан Стојановски од Скопје.
Наводната Пливачка федерација на Македонија на која како претседател се преставува лицето Александар Маленко ниту е регистрирана во Централен регистар на РСМ ниту пак има решение за вршење на дејност спорт. Александар Маленко нема никаков легитимитет да се појавува во јавноста и да говори од името на пливачите и пливачките работници.
Воедно сакаме да ја запознаеме пошироката јавност за ситуацијата во која, Александар Маленко ја остави Пливачката Федерација додека беше нејзин регуларен и признат Претседател:
• 09.06.2021 одлука 03-51/21 за суспензија на нашиот најдобар пливач во тоа време, Деркоски Филип поради наводно непојавување на допинг тест (ова е отфрлено од страна на Националната Антидопинг агенција која потврди дека Деркоски Филип никогаш не бил повикан на допинг тест)
• Неисплаќање на награден фонд во износ од 15000 американски долари на пливачите учесници на Светскиот куп во далечинско пливање во Охрид 2019 година
• Неисплаќање на награден фонд во износ од 20000 американски долари на пливачите учесници на Светскиот куп во далечинско пливање во Охрид 2021 година
• Неисплаќање на котизации за одржување на споменатите маратони вкупно 10.000 евра
• Неисплатени трошоци за делегатите на Европскиот куп во далечинско пливање во Охрид 2021 година
• Драстично нарушување на угледот на федерацијата во меѓународни рамки, особено во Европската федерација (LEN / European Aquatics) и во Светската федерација (FINA / World Aquatics), особено после скандалот предизвикан на Европското првенство во Рим, Италиjа 2022.
• Неисплатени трошоци од организирање на наведените маратони кон угостителски објекти, хотели и слично после што Националната пливачка федерација е задолжена за дополнителни 50.000 евра.
• Неисплатени трошоци кон биохемиски лаборатории за Ковид тестови и слично.
Ова е само мал дел од проблемите кои ги наследи новото раководство и за кои е избегната суспензија од страна на Светската пливачка федерација и од Европската пливачка федерација.
Поради тоа најостро ги демантираме сите наводни покани за работни средби кои произлегуваат од страна на Александар Маленко каде што истиот лажно се претставува како Претседател и за истите ќе биде покренато соодветно обвинение до надлежните институции.
НАЦИОНАЛНА ПЛИВАЧКА ФЕДЕРАЦИЈА
НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Претседател
Горан Стојановски